Од Центарот за управување со кризи велат дека на барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт тоа денеска е реализирано од страна на хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел 412“, во содејство со Министерството за здравство

Македонски државјанин, што по доживеан мозочен удар повеќе денови бил во индуцирана – вештачка кома во градот Сегедин во Унгарија, денеска со медикоптер е пренесен во медицинска установа во земјава, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Информацијата за македонскиот државјанин и барањето за негов транспорт стигнало на 11 април преку единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК.
Во телефонскиот контакт со ќерката на болното лице, како што додаваат од ЦУК, била добиена информација дека од нејзина страна било стапено во контакт со надлежните медицински установи во Македонија, од каде што и посочиле дека е потребен безбеден транспорт и интензивна подолготрајна нега.
„На барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт тоа денеска е реализирано од страна на хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот ’бел 412’, во содејство со Министерството за здравство“,
информираат од ЦУК.