Освен кон него, Димитриевски рече дека притисоци имало и кон вработени во јавната и во државната администрација, како и кон граѓани од ниски социјални слоеви

Кандидатот за претседател од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска посочи дека за неполн месец се соочил со две обвиненија и додава оти има притисоци од власта за кои, како што рече, имаат за цел да го оттргнат од целосна посветеност на изборниот процес.
Освен кон него, Димитриевски рече дека притисоци имало и кон вработени во јавната и во државната администрација, како и кон граѓани од ниски социјални слоеви.
„Тоа се непринципиелни методи, обиди за притисоци од аспект на вработени во јавна и државна администрација, дополнително луѓето од ниските социјални слоеви добиваат непристојни понуди, нешто што и во минатото се случувало“,
рече Димитриевски на денешната прес-конференција пред седиштето на движењето „ЗНАМ – За наша Македонија“ во Скопје.
Во однос на двете обвиненија поднесени против него, Димитриевски рече дека тоа е дополнителен притисок кон него кој има за цел „да ме одврати од намерата во мојата борба заедно со граѓаните да ги смениме нештата во нашата напатена Македонија и дополнително да ми одземе време да не можам да се посветам на изборниот процес и да ја презентирам програмата“.
„Кога станува збор за мене ќе поставам само прашање – дали имало до сега случај во државата било кој од досегашните претседателски кандидати во неполн еден месец против него да бидат поднесени две обвиненија и да биде повикан двапати пред јавен обвинител и еднаш пред надлежен суд, а следно рочиште е закажано за 30-ти во текот на кампањата?!“
рече Димитриевски.
Димитриевски, потсетувајќи на тоа колку места и градови во државата посетил од почетокот на претседателската кампања, рече дека и покрај притисоците ќе продолжи и понатаму со позитивната кампања, како и да го дава својот максимум.