За време на интервенција на полицијата на фудбалски натпревар во село Средно Коњари поради обид на домашната публика да се пресмета со гостински играчи, според МВР, „од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф. С. (33) од с. Арачиново и Н. Ј. (26) од с. Арачиново, додека С. Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка“

Министерството за внатрешни работи соопшти детали за денешното приведување на новинарот Фуркал Салиу, за кое велат дека е последица на напад на полициски службеници.
Според МВР, попладнево околу 17 часот на фудбалскиот стадион во селото Средно Коњари, за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, имало обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Натпреварот бил прекинат со интервенција на полицијата.
„За време на интервенцијата, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф. С.(33) од с. Арачиново и Н. Ј. (26) од с. Арачиново, додека С. Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка“,
соопшти МВР.
Претходно, член на семејството на новинарот Салиу за „360 степени“ рече дека тој заедно со неговиот снимател го следел фудбалскиот натпревар при што полицијата тргнала да апси младо момче. Салиу им се спротивставил и почнал да ги прашува зошто го прават тоа, по што бил совладан и приведен, кажа нашиот соговорник.
Од полицијата велат дека подоцна, околу 18 часот, при преглед, во возилото на Салиу пронашле пиштол.
„При преглед на патничко возило ‘дачија дастер’, сопственост на Ф. С., а управувано од Ф. А.(34) од с. Кондово со сопатник А. Р. (21) од с. Кондово, во багажникот е пронајден пиштол“,
велат од МВР.

Во соопштението на МВР нема информација во чија сопственост е пиштолот и дали тој имал дозвола за поседување.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Од Здружението на новинарите на Макеоднија (ЗНМ) апелираа да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневнополитички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.
СДСМ за вечерва најави вонредна прес-конференција пред полициската станица во Гази Баба, каде што најверојатно се наоѓа приведениот Фуркан Салиу.