Во посета на манастирот се митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил од Вселенската патријаршија и митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, од Православната црква на Грција
Со традиционален и свечен манастирски пречек денеска во манастирот „Пречиста“ во Кичево беа пречекани високи претставници на Вселенската патријаршија и Православната црква на Грција.
Во посета на манастирот се митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил од Вселенската патријаршија и митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, од Православната црква на Грција.
Пречиста, заедно со Бигорски и Рајчица, се три манастири под духовно водство на епископот Партениј. Тој, како што се наведува во соопштението на Бигорскиот манастир, им посакал топло добредојде на гостите во Пречиста и нивното доаѓање го оценил како одлика на вистинска црковна заедница.
„Дозволете ми, Свети Архиереи, до го искористам ова поздравно обраќање по повод првото доаѓање на високопреосвештениот митрополит г. Дамаскин кај нас, за да ја изразам својата длабока благодарност и почит за вашите напори, посветеност и поддршка во процесот на канонско признавање на возобновената Охридската архиепископија, кое го обзнани одлуката, полна со љубов и грижа, на неговата сесветост, патријархот на православните, г. г. Вартоломеј. Во ова ваше грижливо снисходење, ние гледаме дејство на Божествената благодат, којашто води кон исцеление и обновување на целокупното тело на Црквата. Вашите улога и придонес, нам добро познати, во таа историска одлука, се сведоштво за јасна црковна визија и за пастирската грижа кон Божјиот народ“,
истакнал г. Партениј.

Високопреосветениот митрополит на Дидимотика, Орестијада и Сулфи, г. Дамаскин, кој првпат ја посетува овдешната монашка заедница, кажал дека се радува на можноста за заедно сослужување со г. Партениј.
„Морам да исповедам дека долго време имав силна желба да го сретнам драгиот брат Епископот Партениј, да го прегрнам и да сослужувам со него. Тој беше еден од првите браќа кои на една случајна средба ни ги објасни копнежот и тешкотиите на целиот тој потфат за востановување на евхаристиското општење на помесната црква со Вселенската патријаршија и со сестринските православни цркви. И оваа желба се исполни денес, благодарение на поканата што ја имав од ваша страна и поттикот на драгиот брат, високопреосветениот митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој беше еден од протагонистите работници на Црквата на Константинопол за да се постигне посакуваното“,
посочил г. Дамаскин.

Високите гости учествуваа на свечената прослава на Акатистот кон Мајката Божја Пресвета Богородица во Кичево, што всушност е манастирска слава на Пречиста.
