Претставниците на различни синдикати со знамиња во рацете и свирчиња го изразија незадоволството од судската одлука за конфискација на Работничкиот дом. Протестот почна од пред Работничкиот дом, а продолжи да се движи кон раскрсницата каде што се наоѓаат судовите. Демонстрантите се задржаа на средина на раскрсницата половина час, а потоа се упатија пред Врховниот суд. Покрај нивните извици, се слушаше и песната „Бела чао“
Денеска од зградата на Работничкиот дом, симболот на работничкото движење, местото каде што се донесени сите важни одлуки за работниците, местото каде што започнале сите штрајкови и протести, дојдовме пред Врховниот суд да им го завртиме грбот и да им покажеме жолт картон на оние судии што ја донесоа срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом. Ова денеска го изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, пред Врховниот суд, каде што се одржа протестот на кој, како што рече, присуствуваат само раководствата на синдикатите, со цел да изразат револт против пресудата на Врховниот суд за одземање на зградата на Работничкиот дом.
Претставниците на различни синдикати со знамиња во рацете и со свирки го изразија незадоволството од судската одлука за конфискација на Работничкиот дом. Протестот почна од пред Работничкиот дом, а продолжи да се движи кон раскрсницата каде што се наоѓаат судовите. Демонстрантите се задржаа на средина на раскрсницата половина час, а потоа се упатија пред Врховниот суд. Покрај нивните извици, се слушаше и песната „Бела чао“.
Трендафилов во изјава за медиумите рече дека дошле пред Врховниот суд со цел да им покажат на судиите дека е време правдата и правото да победи.
„Тројца судии сакаат да направат штета на целокупното работничко движење во македонија, да го укинат Сојузот на синдикатите на Македонија, да го направат да молчи и да биде понизен. Не може на слободно судско убедување да одземаат имот кој работниците почнале да го градат во 1958 година врз основа на закон од 1998 година. Вакво чудо нема никаде во светот, суд со пресуда на работници кои двоеле од лебот, од синдикалната членарина и изградиле дом, да го одземаат и да го даваат на државата за да потоа државата да може да го раскрчми“,
рече тој.
Според Трендафилов, на протестот се присутни повеќе од 500 члена на синдикатите, кои се дел само од органите и телата на синдикатите кои, како што рече, дошле да им покажат жолт картон на судиите.
„Дојдоа да им покажат дека потребно е да се одважат, да се охрабрат и да донесат нова пресуда, со која ќе ја укинат срамната пресуда и ќе го вратат Работничкиот дома на работниците. Веруваме дека има умни, учени и стручни луѓе во Врховниот суд. Се надеваме дека најдоцна до 1 мај ќе ја преиначат пресудата која ја донесоа на штета на работниците. Ваквата пресуда ‘за шефе види што им направив‘ ќе предизвика штета на еден куп други организации, како политички партии, стопански комори, Црвениот крст, пензионери, борци, и сите организации, кои пред 1990 година граделе свои сопствени куќи и домови“,
вели Трендафилов.
Според него, не може да се носи пресуда врз основа на слободно судиско убедување без да се почитува одлуката на Уставниот суд, кој уште од 1992 година, дека никој не смее да го преземе имотот на работниците, односно на Сојузот на синдикатите на Македонија поради тоа што тој никогаш не преминал во надлежност на државата.
„Во одлуката на Врховниот суд во 2004 година се вели дека Сојузот на синдикатите е сопственик на Работничкиот дом. Сметаме дека пресудата не треба да биде во интерес на Сојузот на синдикатите, туку во интерес на работниците и на правото. Доколку е потребно, може да биде и 700 и 70 илјади од нас да им покажеме на овие судии дека правото и правдата мора да завладее“,
рече Трендафилов.
Тој вели дека очекуваат и Уставниот суд да се заинтересира по ова прашање, за што поднеле и иницијатива до оваа институција.
Сојузот на синдикатите на Македонија, вели претседателот Трендафилов, веднаш по добивање на пресудата од Врховниот суд побарал оставки од судиите кои ја донеле пресудата.
„Очекувавме да се одважат да поднесат оставка. Но, не го сторија тоа. Поднесовме предлог за повторување на постапката поради новите докази. Единствените синдикати на Македонија како што се нарекувале во 1948 година идејата ја почнале со ‘Слобода на народот, смрт на фашизмот‘. Тогаш обезбедиле 10 отсто од средствата потребни за изградба на оваа зграда и за 10 години ги обезбедиле сите пари, а државата немала инвестиција ниту еден тогашен денар“,
вели тој.
Најави дека Синдикатот бара најдоцна до 1 мај Врховниот суд да ја преиначи пресудата. На 18 април е закажано рочиштето во Основниот суд, кој треба да го препрати барањето до Врховниот суд, кој треба да одлучува по него.
„До 15 мај ни истекува рокот за тужба, не сакаме да се доведеме во ситуација работниците да ја тужат државата пред Меѓународниот суд во Стразбур. Но ќе бидеме ригорозни. Особено ако некој проба да влезе и да ни го одземе Работничкиот дом. Во спротивно слободното судско убедување ќе стане слободно работничко убедување. Ќе ги преземаме истите работи како и тие. Доколку влезат во нашиот дом, ќе влеземе и ние во нивните домови. Доколку го земат нашиот дом, ќе ги земеме нивните домови. Отстапка назад немаме“,
рече Трендафилов.