„Многу далеку сме од каква било соработка со ДУИ. За мене лично тоа е затворено прашање. Мислам дека соработка помеѓу ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, велам ова зашто во минатото имало соработка, но соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мислам дека е невозможна“, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничката листа во ИЕ 4
Далеку сме од соработка со ДУИ, за мене лично тоа е затворено прашање – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали ако разликата на изборите меѓу ДУИ и коалицијата на опозициските партии на Албанците е голема, ВМРО-ДПМНЕ ќе размисли за соработка со партијата на Али Ахмети.
Николоски: Мислам дека нема да е така, нема навестување да е така, освен некој тежок фалсификат да се случи на изборите, но за тоа веќе има надлежни институции кои треба да се занимаваат со тоа прашање.
360°: Но, ако биде (голема разликата, н.з.), дали тогаш би ја разгледале опцијата да коалицирате со ДУИ?Николоски: Не, многу далеку сме од каква било соработка со ДУИ. За мене лично тоа е затворено прашање. Мислам дека соработка помеѓу ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ, велам ова зашто во минатото имало соработка, но соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мислам дека е невозможна.
Тој не се согласува дека напаѓајќи ја ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, всушност, и го крева рејтингот на партијата на Али Ахмети и индиректно работи против опозициската коалиција кај Албанците.
„ДУИ би сакале да е така и би биле среќни да претстават дека ние имаме нешто против Албанците, но ние во суштина имаме против ДУИ, нивните практики и начинот на кој владее. Сметам дека тој начин е надвор од какво било нормално функционирање на држава и надвор од пристоен систем на владеење на правото. Одговорност мора и ќе има. Ова што ние го зборуваме не мислам дека им носи поени на ДУИ, туку напротив, и Албанците се освестуваат и ќе ги казнат“,
вели Николоски.
На прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ ја преферира албанската коалиција за парнтер во власта, ако се има предвид дека дел од нив се деривати на ДУИ, Николоски вели дека некои од нив веќе покажале поинаков начин на владеење.
„Ние тоа партнерство мора да го пробаме. Со ДУИ веќе знаеме на што сме. Мора да има нов партнер во владата, инаку како би се направила разлика. Дел од нив покажаа дека може поинаку. Од она што слушаме, Билал Касами го води Тетово одлично. Делот на борба со органзизиран криминал и корупција, за најголемиот случај по мене во Македонија, ’Шик Јелак’ и Дака Давидовиќ, кој заврши на црната листа на САД, имаше ист став како нас. Јас по некоја случајност таа афера прв ја извадив во Македонија. Тој стана градоначалник, го поништи тој спорен ДУП, така што гледаме сигнали дека сакаат да се борат со криминалот и корупцијата“,
додава Николоски.
„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во комотна позиција самостојно да формира влада или со помал партнер и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бира партнерите, а не обратно. И наш основен принцип ќе биде прифаќање на програмата на ВМРО-ДПМНЕ која ќе ја имаме за овие избори, така што секој што ќе се вклопи во таа програма е добредојден и повторувам, наш префериран партнер во т.н. албански кампус е ова што е сега албанска опозиција“,
посочува тој.
За можна соработка со Левица и со ЗНАМ по изборите, Николоски одговара:
„Никогаш не вели никогаш, но со Левица сме многу далеку. Во однос на ЗНАМ како нова партија, имаме соработка во Куманово која е коректна, може да размислиме и за на централно ниво, но повторно, ќе треба да се прифатат нашите принципи и програма“.