Од Центарот за управување со кризи велат дека во моментот се догасуваат одредени потенцијални жаришта, а пожарот бил целосно локализиран околу 12 часот
Пожарот, што од вчера попладне беше активен на Шар Планина над селото Вешала во Општина Тетово, каде што вчера гореа сува трева и папрат, утрово се прошири и зафатил и букова шума, по што надлежните побараа интервенција и од воздух.
Околу пладне, од Центарот за управување со кризи известија дека пожарот е целосно локализиран, а ситуацијата се следи.
„Но, тоа не значи дека е целосно изгаснат бидејќи се догасуваат одредени потенцијални жаришта на опожареното. Според развојот на ситуацијата, Центарот за управување со кризи директно со институциите од Системот за управување со кризи конкретно со Националниот парк, ДЗС, МВР, ТППЕ и други, а и преку Регионалниот ЦУК на Тетово локално во Општина Тетово, ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација и координација за соодветно дејствување согласно потребата, поточно барањата и известувањата на ангажираните сили, а и според метеоролошките прилики на терен“,
велат од ЦУК.
За пожарот вчера информираа од ЦУК, од каде што рекоа дека биле испратени екипи за да интервенираат, но поради лошиот и непристапен терен и настапувањето на ноќта, ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ биле повлечени од терен.