Министерот Тошковски најави и дека 40 вработени во отсеците за управни работи во Куманово, Велес, Штип и Тетово ќе продолжат да работат и во наредните викенди

ФОТО: Министерство за внатрешни работи
Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, очекува дека овој викенд ќе бидат одобрени околу 20 илјади лични карти за жителите на Скопје.
Тошковски, кој денеска беше во посета на пунктот за сликање за лични документи во полициската станица „Пролет“ во Скопје, рече дека во текот на вчерашниот ден биле одобрени околу девет илјади барања за издавање на лични карти за жителите на Скопје.
Министерот Тошковски најави и дека 40 вработени во отсеците за управни работи во Куманово, Велес, Штип и Тетово ќе продолжат да работат и во наредните викенди и оти ќе дадат максимална поддршка во процесот на одобрување на барања за издавање лични документи.
Изминативе денови Тошковски соопшти и дека со новиот модел на достава на личните карти на граѓаните во Скопје, за две недели биле доставени четири и пол пати повеќе документи отколку што тоа било претходно.
Тој посочи оти ваквата состојба е резултат откако пред две недели го укинале претходно воспоставеното решение за достава на лични карти, според кое полициски службеници ги доставуваа личните карти на домашна адреса на граѓаните, и вовеле нов механизам за достава, со кој граѓаните можат во кое било време да ја подигнат својата лична карта во подрачната полициска станица според местото на живеење.
