Српската полиција информира дека е претресена површина од 10 квадратни километри и дека засега нема никакви траги. Спасувачите ги пребарале и каналите во должина од 4,5 километри, подземниот тунел и шахтите што ја поврзуваат оваа населба со некогашниот басен на Бор, а и таму немало траги

Фото: Фејсбук-профил на српското Министерство за внатрешни работи
Потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ, кое исчезна во вторникот кај Бор, влезе во шестиот ден. Потрагата во Бањско Поле кај Бор засега е без резултати, а кај мештаните од селото расте загриженоста како што одминува времето.
Како што пренесува државната телевизија РТС, во областа каде што е исчезната Данка денеска нема активности, а има присуство на полициски патроли.
Вчера, поширокото подрачје каде што исчезна девојчето го прелетуваа хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, а беше најавена и потрага во езерото Бор, но засега нема официјални потврди дека тоа ќе се случи.
По првпат се пребарувал и дел од Брестовачка Река, лоцирана во подножјето на Бањско Поле.
Српската полиција информира дека е претресена површина од 10 квадратни километри и дека засега нема никакви траги. Спасувачите ги пребарале и каналите во должина од 4,5 километри, подземниот тунел и шахтите што ја поврзуваат оваа населба со некогашниот басен на Бор, а и таму немало траги.
„Полицијата ја продолжува потрагата и оперативната работа во која учествуваат и родителите. Единствено што сè уште официјално не е дефинирано е дали се истражува кривично дело или несреќа“,
пренесува српскиот портал Н1.
Родителите на Данка, Милош Илиќ и неговата сопруга Ивана, секојдневно одговараат на прашања на полицијата со цел да се дојде до некоја нова трага која можеби претходно била игнорирана.
Специјализирани екипи за спасување од урнатини на Одделението за вонредни состојби при српското Министерство за внатрешни работи вчера почнале со пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна двегодишното девојче.
Претходно со багер беше расчистено земјиштето околу куќата во Бањско Поле, од каде што на девојчето му се губи секаков траг. Потоа полициски екипи го пребаруваа просторот околу расчистените стебла. Засега нема официјални информации за деталите од истрагата.
Целта на ваквите активности, како што пренесе РТС, е да се провери дали има докази и траги под гранките кои би помогнале во потрагата по девојчето.
Исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во вторникот го пријавила нејзината мајка и оттогаш трае потрагата во која се вклучени стотици припадници на полицијата, горската спасувачка служба, ловџии и жителите.
Беа распоредени и беспилотни летала со термални камери, а хеликоптерска единица во повеќе наврати го прелета теренот во околината на Бор.
Девојчето Данка Илиќ, кое исчезна во вторникот во 13:45 часот во населбата Бањско Поле во Бор, има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони, црни патики, а косата и била врзана во опавче.
Исчезнувањето на двегодишното девојче по првпат го активира системот „Најди ме“ во Србија, кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.