Родителите реагираат дека иако тие се договорат за заедничко старателство, нашиот закон не го предвидува тоа, па така, постои поделба на родителите – на старател, кој има целосни родителски права и родител во отсуство, кој практично нема право врз развојот на детето

„Бракот престанува, родителствот не!“, „Родител, не банкомат!“, „За децата се работи“, „Постои бивш сопруг/сопруга, бившо дете не“ беа само дел од транспарентите кои денеска можеше да се прочитаат на протестот одржан пред зградата на Владата, а кој беше организиран од Здружението на родители „Наши“ поради како што рекоа застарениот закон, кој никако не оди во прилог на сите засегнати страни.
„На децата им требаат двајцата родители и дискриминирачки е еден од нив да има повеќе права од другиот при развод. Поради тоа, бараме итно носење на нов Закон за семејство, кој гарантира 50:50 родителство“,
рекоа од Здружението кое протестот пред Владата го одржа со автомобили.
Од Здружението „Наши“ рекоа дека бараат измени на законот со кој по разводот старателството врз децата ќе го имаат подеднакво двајцата родители.
Родителите реагираат дека иако тие се договорат за заедничко старателство, нашиот закон не го предвидува тоа, па така, постои поделба на родителите – на старател, кој има целосни родителски права и родител во отсуство, кој практично нема право врз развојот на детето.
„Ние сакаме да го спречиме овој тренд, детето да не го губи сопствениот родител без потреба. Ако има добра причина едниот родител да не го гледа детето, тоа да го прави судот, а не центарот за социјални работи како што е сега. Јас можам да дадам изјава против жената и центарот постапува само по таа изјава“,
рекоа од зружението „Наши“.
„360 степени“ на почетокот на овој месец објави сторија во која ја разработи темата за заедничко родителство или родителство 50:50, кое подразбира дека разведените родители имаат подеднакво право да ги гледаат и да учествуваат во животот на децата, освен ако нема оправдани причини едниот родител да биде оддалечен од детето/децата.
Сегашното решение во Северна Македонија предвидува старателско право само за еден од родителите, додека другиот родител најчесто зависи од волјата и проценката на центрите за социјална работа и од односите со поранешниот партнер. Тоа би требало да се смени со првиот Граѓански законик, кој е во изработка.
Поборниците за еднакви родителски права велат дека група професори веќе имаат подготвено нов предлог закон, но тој се уште бил далеку од собраниска процедура.
Закон за семејство е донесен во 1992 година и до денес нема претрпено измени во однос на вршењето на родителското право, за разлика од останатите држави во регионот.
Дали концептот на заедничко родителство, кој е дел од работната верзија на Граѓанскиот законик, ќе стане една од опциите по развод, финално ќе зависи од пратениците во Собранието. А како би се применувал, ќе зависи од родителите и нивната одлука – дали по разводот двајцата ќе учествуваат во животот на децата или ќе ги користат како оружје за меѓусебна пресметка.
