Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вели дека очекува овој период да се постигне компромис за отворените прашања со Бугарија.
„Очекувам дека овој период ќе го искористиме за да разговараме и да се обидеме да постигнеме компромис и договор во рамки на Договорот за добрососедство што го имаме постигнато со Бугарија, бидејќи тоа е улогата на Договорот за добрососедски односи, да создаде рамка за решавање на сите проблеми преку комисии и очекувам ова да го надминеме навремено“,
рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали се стравува дека Софија ќе ги блокира евроинтегративните процеси на земјава.
Одлуката на ЕУ за започнување преговори, потенцираше тој, е донесена со консензус од сите земји членки, вклучувајќи ја и Бугарија, а анексот што се спомнува во јавноста е прилог кон записникот како унилатерален став на една земја членка.
„Притоа, воопшто не се обидувам да го омаловажам или, пак, да го спорам тој став, бидејќи секоја земја членка има право на свој став, како што имаме ние право на свој став и да објаснам дека ние сме свесни дека правилата на игра во ЕУ се такви. Секоја земја членка, водејќи се од своите национални интереси, може да ги стопира или блокира преговорите, не само за нас, за која било земја. Ние најмногу сме сведоци на таквите правила на игра, бидејќи едно време не блокираше Грција, па потоа Франција, Холандија, Бугарија итн. Правилата се такви и ние не треба да ги менуваме правилата туку мудро да се однесуваме за да најдеме начин како да ги надминеме“,
смета вицепремиерот.
Тој ја потенцираше важноста не само на договорот со Бугарија, туку и на Преспанскиот договор и уште еднаш нагласи дека тие се добра основа преку компромис да се решат сите прашања.