„Ова прашање трае повеќе од две години. Смислувано е со најголема смиреност, со најголема свесност и ова беше момент да се собереме во фронт, а овој фрoнт ќе биде непобедлив и непривремен, до реализација на нашите цели, до зачленувањето во Европската Унија. На овој фронт треба да му се приклучат и нашите сограѓани Македонци бидејќи за овие 24 години, не сум видел толкава сериозна посветеност, поразумна и поодговорна за иднината на државата како оваа кај албанските политички субјекти“, рече лидерот на ДУИ, Ахмети
Не се сомневам во големата победа што Албанците од Македонија никогаш не ја извојувале. Тоа ќе биде најголемата победа во историјата на независноста на оваа држава. Ова денеска го рече претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, од Тетово, каде што заедно со Мендух Тачи, лидерот на ДПА, како и лидерите на Народното движење и Европската демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд и Аријанит Хоџа, потпишаа коалициски договор во рамките на „Европскиот фронт“ за претстојните парламентарни и претседателски избори во земјава кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај.

„Ова прашање трае повеќе од две години. Смислувано е со најголема смиреност, со најголема свесност и ова беше момент да се собереме во фронт, а овој фронт ќе биде непобедлив и непривремен, до реализација на нашите цели, до зачленувањето во Европската Унија. На овој фронт треба да му се приклучат и нашите сограѓани Македонци бидејќи за овие 24 години, не сум видел толкава сериозна посветеност, поразумна и поодговорна за иднината на државата како оваа кај албанските политички субјекти“,
рече Ахмети.
Според него, пред 15 и 16 години да кажеле дека тој и Тачи ќе потпишат договор за еден фронт, сите ќе речеле дека не е можно.

„Да кажевме некому дека во оваа земја има премиер Албанец, ќе кажеа овие се луди“, рече лидерот на ДУИ.
Тачи, пак, повика сите да се обединат во овој фронт и рече оти му е жал што опозицијата ја гледа оваа кампања како натпревар меѓу нив и нас, а не со главниот принцип за ЕУ и против Русија.
„Не само анкетите, туку и малите деца знаат дека на овие избори ќе изгубат убедливо, само поради ДУИ. Руското влијание е распространето во земјите од регионот, така што ние со 30 пратеници го спречуваме руското влијание во нашата земја. Нѐ познавате долги години, знаете дека не правиме компромиси со црвените линии, со нашиот главен национален интерес, заштоа што на Албанците и на Македонија им е местото во средиштето на европската цивилизација. Ѝ велам на опозицијата дека не се занимаваме со нив, дека го имаме предизвикот да се справиме со Русија. Ве повикувам да ни се приклучите. Знам дека македонската опозиција може да го смени вокабуларот по изборите, но можеби ќе биде доцна за нив“,
рече Тачи.
Претседателот на Народното движење, Реџепи, рече оти она што ќе го постигне овој фронт ќе се памети долго во историјата.
„Овој фронт е модел на успех, не е само лига туку суперлига. Убаво е да се формализира овој фронт, бидејќи граѓаните имаат корист од сите добри работи, стандарди и социјални придобивки. Со претседателските избори ја запечатуваме и победата на парламентарните избори. Добра иницијатива е тоа што рековме дека Европскиот фронт ќе се состои од многу етникуми, за да докажеме дека таков фронт што ќе ни ги донесе сите благодети, за да генерациите што доаѓаат бидат воглавно обезбедени од нашето пријателство со САД и со ЕУ затоа што немаме друга алтернатива освен Европскиот фронт. Нашите траги ќе се паметат долго време во историјата. Им посакувам среќа и успех на сите, да ја запечатиме победата на 24 април и потоа на 8 мај, да извојуваме уште подлабока победа“,
нагласи Реџепи.
Претседателот на Европската демократска партија, Хоџа, го пофали потпишувањето со двајца луѓе како Ахмети и Тачи, кои на нивниот политички пат на раменици носат важни процеси за државата. Тој направи споредба со поддршката за ОНА во 2001 година.
„Овие наши повици денес се исти како оние за приклучување во ОНА во 2001. Тогаш командантот на ОНА, Али Ахмети создаде услови за еднаквост и за вклучување на Албанците во сите институции. Денес, преку овој фронт, ние треба да го браниме тоа и да ги спречиме антиевропските влијанија во земјата“,
вели Хоџа.
Според него, додека другите чекаат победа од ВМРО-ДПМНЕ, тие очекуваат победа на Албанците, со голема поддршка од Косово и од Албанија.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред една недела го започна официјализирањето на предизборната коалиција под името „Европски фронт“.
Прва партија што стави потпис за приклучување кон „Европскиот фронт“ е Народното движење предводено од Скендер Реџепи-Зејд, кој до 2022 година беше член и пратеник од партијата на Африм Гаши, Алтернатива, која, откако ја напушти, дејствуваше како независен пратеник, а лани формира нов политички субјект.