На објавена видеоснимката од спроводот во московскиот суд на лицата на обвинетите се гледаат многубројни повреди, што според британскиот национален сервис упатува на тоа дека најверојатно биле тепани, а снимки од нивното испрашување наводно се обелоденети од руските безбедносни органи. Според извештаите, најмалку еден бил подложен на електрошокови за време на распитот
Руските власти покренаа обвинение против четворицата уапсени мажи за кои се тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во петокот во кој беа убиени најмалку 137 лица, а повеќе од 100 ранети, јавуваат светските медиуми.
Сите четворица се обвинети за тероризам, а двајца од нив, како што пренесува Би-би-си, пред судските власти ја признале вината. Четворицата обвинети ќе бидат задржани во истражен затвор најмалку до 22 мај, соопшти судот.
Тројца од обвинетите вчера под силно полициско обезбедување, со двојно превиткани раце, беа изведени пред окружниот суд Басмани во Москва, додека четвртиот од групата беше донесен во инвалидска количка.
Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов.
На објавена видеоснимката од спроводот во московскиот суд на лицата се обвинетите се гледаат многубројни повреди, што според британскиот национален сервис упатува на тоа дека најверојатно биле тепани, а снимки од нивното испрашување наводно се обелоденети од руските безбедносни органи. Според извештаите, најмалку еден бил подложен на електрошокови за време на распитот.
Мажите што судот ги идентификува како Мирзоев и Рачабализода имаа црни отоци околу очите, а увото на вториот, како што може да се види, е преврзано наводно поради повреда нанесена за време на неговото апсење.
Кај Мирзоев е забележлива искината пластична вреќа обвиткана околу неговиот врат.
На лицето на еден од обвинетите идентификуван како Фарудини се гледаат големи отоци, додека Фејзов е лицето кое во судот било донесено во инвалидска количка бидејќи ја загубил свеста додека бил спроведуван во судницата.
Според новинската агенција Ројтерс, се чини дека на Фејзов му недостасува едно око.
За време на сослушувањето во судот сите четворица беа држени во кабина обложена со стакло, под надзор на маскирани полициски службеници.
Во соопштението на судот, објавено на платформата Телеграм, се наведува дека Мирзоев целосно ја признал вината, додека обвинетиот Рачабализода, исто така, се изјаснил за виновен по обвинението.
Четворицата мажи се идентификувани како државјани на Таџикистан, соопшти руската државна новинска агенција Тасс.
Тие во петокот вечерта вооружени упаднаа во концертната сала „Крокус сити хол“ во Красногорск, предградие северно од Москва, и отворија оган врз околу 6 000 луѓе кои присуствуваа на концерт на рок-група.
Напаѓачите, исто така, подметнаа пожар кој го зафати горниот дел на објектот и предизвика уривање на кровот. Руските власти соопштија дека во терористичкиот напад загинале 137 лица, а повеќе од 100 се повредени. Мажите кои судот ги идентификуваше како Мирзоев и Рачабализода имаа црни очи, а увото на вториот беше преврзано – наводно делумно отсечено за време на неговото апсење.
Четворицата мажи кои вчера се појавија во московскиот суд, според соопштението на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), биле уапсени 14 часа по нападот во областа Брјанск, оддалечена околу 400 километри југозападно од Москва.
Одговорноста за терористичкиот напад ја презеде „Исламска држава“ (ИД) наведувајќи дека тој бил извршен од нејзиниот огранок познат како „Исламска држава во Хорасан“. „Исламска држава“ подоцна објави и графички снимки од напаѓачите како пукаат врз луѓето внатре во концертната сала. Би-би-си објави дека станува збор за оригинална, односно веродостојна снимка.
Руските власти, без докази, се обидоа во случајот да ја вмешаат и Украина сугерирајќи дека Киев оставил простор за да им овозможи на напаѓачите да ја преминат границата и да избегаат на украинска територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги отфрли ваквите наводи, а военото разузнавање на земјата наведе оти е апсурдно да се сугерира дека напаѓачите би се обиделе да ја преминат густо минираната граница, преполна со стотици илјади руски војници, за да стигнат во Украина.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, изјави дека единствено одговорна за овој напад е „Исламска држава“ и оти Украина нема никакво учество во терористичкиот акт.
Инаку, за помагање на нападот руските безбедносни служби уапсија уште седум други лица.
Соединетите Американски Држави претходно месецов ја предупредија Москва за можен напад внатре во Русија, а како цели беа посочени големи собири. САД издадоа и предупредување со своите граѓани кои се наоѓаат во Русија да избегнуваат големи јавни собири.
Предупредувањето, потсетува Би-би-си, беше отфрлено од Кремљ кој го оцени како пропаганда и обид за мешање во претседателските избори на земјата, кои се одржаа неодамна, а на кои очекувано победи Владимир Путин.
Вашингтон по нападот рече дека нема причина да се сомнева во тврдењето на ИД.