„Имаме резолуција што ја испративме до Советот за безбедност на ОН со барање за итен прекин на огнот во врска со ослободувањето на заложниците и се надеваме дека секоја земја ќе ја поддржи“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Саудиска Арабија
Соединетите Американски Држави (САД) подготвија и доставија нацрт-резолуција до Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) со која се повикува на итен прекин на огнот поврзан со ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа, соопшти американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пренесуваат светските медиуми.

Американскиот дипломат ја соопшти информацијата за време на својата турнеја на Блискиот Исток, во рамките на која е планирана и посета на Израел и средби со тамошниот државен врв, јавува новинската агенција Франс прес, а пренесува „Гардијан“.
Клучниот сојузник на Израел стави вето на претходните гласања во Советот за безбедност на ОН во врска со речиси шестмесечната војна во Газа, а последното дојде во февруари кога САД вложија приговор на употребата на терминот „веднаш“ во нацрт-резолуцијата поднесена од Алжир.
Сепак, во последните неколку недели Вашингтон го зголеми притисокот врз Израел, истовремено инсистирајќи дека милитантите на Хамас мора веднаш да ги ослободат лицата што ги зедоа како заложници за време на нападот врз Израел на 7 октомври, лани што го предизвика конфликтот во Газа.
„Всушност, имаме резолуција што ја испративме до Советот за безбедност на ОН со барање за итен прекин на огнот во врска со ослободувањето на заложниците и се надеваме дека секоја земја ќе ја поддржи“,
рече Блинкен за време на посетата на Саудиска Арабија.
Говорејќи за саудискиот медиум Ал Хадат, тој вчера изјави оти смета дека тоа ќе испрати силна порака и силен сигнал во насока на заштита на цивилното население во Газа.
„Се разбира, ние стоиме со Израел и неговото право да се брани… но во исто време, императив е цивилите кои се на штета и кои толку страшно страдаат – да се фокусираме на нив, да ги направиме приоритет заштитата на цивилите и испораката на хуманитарна помош“,
рече Блинкен.
Американските власти преговараат за алтернативен текст откако кон крајот на февруари ја блокираа алжирската нацрт-резолуција со која се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Газа.
Оваа нацрт-резолуција, која се фокусираше на поддршка за шестнеделно примирје во замена за ослободување на заложниците, според дипломатски извори на кои се повикува АФП, имала мали шанси да добие поддршка.
Новата верзија во која новинската агенција имала увид, како што се наведува, ја нагласува „потребната од итен и траен прекин на огнот за да се заштитат цивилите од сите страни, суштински да се овозможи испорака на хуманитарната помош и ослободување на заложниците кои сè уште се држат во Газа“.

За овој нацрт-текст сè уште не е закажана седница на Советот за безбедност на ОН на која ќе се расправа и гласа по предлогот.
Американскиот државен секретар вчера се сретна со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фејсал бин Фархан, а разговараше и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. Денеска Блинкен треба да го посети Египет, а за утре се најавени средбите во Израел.
Турнејата на Блинкен, шеста по ред во регионот од почетокот на војната, се одвива паралелно со разговорите што се одржуваат во Катар, каде што посредниците вчера се состанаа трет ден по ред во обид да изнајдат заедничко прифатливо решение за прекин на огнот во Газа.
Сепак, извештаите велат оти има малку индиции дека може да се очекува брз договор.
