Предлогот на Бектеши денеска го прифатија и од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, а, пак, доскорешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, беше без детален одговор, но посочи дека тоа би било исто како по изгубен натпревар да се повлечат сите фудбалери од тимот
Одлично, прифаќаме, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ на предлогот кој денеска го даде министерот за економија Крешник Бектеши, кој е од редовите на ДУИ, а кој ги повика сите политички партии да се договорат – оние што ќе изгубат на претстојните избори да се повлечат од политиката.

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со овој предлог на Бектеши се подготвува терен лидерот на интегративците да се повлече од политиката.
„Тоа значи дека Крешник му спрема свилен гајтан на Али Ахмети. Можеби Бектеши е кандидат за лидер на ДУИ, имајќи предвид дека ДУИ ќе ги загуби изборите и дека нема да биде во состав на новата влада. Добро е да се знае дека Бектеши има лидерски амбиции. Ако е така, тогаш раководството на ДУИ ќе остане во Кичево, нели и тој е по потекло од Кичево“,
рече Николоски, кој денеска беше во посета на локалната власт во Прилеп.
Повикот на Бектеши денеска следуваше откако доби новинарско прашање дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, би се повлекол од партиската функција доколку партијата биде поразена на следните избори.
„Тоа е прашање за господинот Ахмети, но еве, повикувам да направиме договор, ако сакаат и јавно да потпишеме договор меѓу сите политички партии – тој што ќе изгуби веќе да не се занимава со политика. Ние ја фрламе ракавицата, нека повелат сите политички партии, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ и другите партии. Но, зошто ова не би се случило, затоа што овие т.н. лидери на политички партии – тоа не важи само за македонската опозиција, туку и за другите лидери – сите изгубиле избори не еднаш туку повеќепати, само господинот Ахмети никогаш не изгубил и нема да изгуби избори“,
рече Бектеши.
Понудата на Бектеши денеска ја прифатија и од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.
„Ги повикуваме Али Ахмети, Бујар Османи и Артан Груби да изберат нотар и тајминг каде што ќе се потпишеме на изјави дека кој изгуби, нема право да се занимава никогаш повеќе со политика“,
рекоа од коалицијата „Вреди“.
Оттаму оценуваат дека на изборите на 24 април и 8 мај Албанците во земјава ќе гласаат за политичка пензија на Ахмети, Османи и Груби и нивните соработници.
Во однос на предлогот на министерот за економија Крешник Бектеши, денеска за коментар беше прашан доскорешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој не даде детален одговор оти рече дека не ја слушнал изјавата на Бектеши, но посочи дека тоа би било исто како по изгубен натпревар да се повлечат сите фудбалери од тимот.
