„Но, и јас ако не сум, ако мојата политичка партија ДУИ е во Владата, пак нема да се случи. Ако некој друг има некоја опција, нека ја презентира пред граѓаните јавно и граѓаните нека одлучат дали сакаат да се продава ЕСМ или не“, вели министерот за економија

ЕСМ нема да се продава, тврди министерот за економија Крешник Бектеши. Според неговите најави, предвидено е компанијата да ги зајакнува своите капацитети со цел да биде стожер на енергетскиот сектор во државата.
„Додека јас сум министер за економија и член на Владата, тоа никогаш не може да се случи. Но, и јас ако не сум, ако мојата политичка партија ДУИ е во Владата, пак нема да се случи. Ако некој друг има некоја опција, нека ја презентира пред граѓаните јавно и граѓаните нека одлучат дали сакаат да се продава ЕСМ или не“,
рече денеска Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите.
Но, дали во иднина би отишло ЕСМ на продажба или не, Бектеши вели дека тоа не го знае никој.
Бектеши вели дека согласно Стратегијата за развој на енергетиката и официјалните документи што ги носи Министерството за економија, предвидено е ЕСМ да ги зајакне своите капацитети.
„Нашата политика е дека треба да имаме домашно производство, домашни капацитети, сè со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните за да има пониски цени. Ако одредени други субјекти имаат други политики, нека излезат и нека ги презентираат пред граѓаните, па тогаш граѓаните ќе одлучат“,
додаде Бектеши.
На прашањето до каде е постапката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за иницијативата на Владата за меѓународна арбитража за ТЕЦ „Неготино“ и дали го контактирале Обвинителството во однос на нивната иницијатива, Бектеши рече дека никој не го контактирал Министерството за економија ни при добивање информации.
„Министерството за економија преку медиумите слушна дека е вклучено, дека има одредени индиции кои се целосно погрешни и спротивни на законските одредби и надлежностите кои ги имаат институциите. Во делот на мазутот ОКТА е продадена во 1999 година, двете арбитражни постапки кои се изгубени од страна на државата кон ОКТА се до 2013, година што значи дека овие луѓе кои моментално се во Секторот за енергетика и ова раководство на Министерството за економија не би можело да има никакво влијание“,
рече Бектеши.
Тој додаде дека во минатото, но и сега арбитражните постапки се водат од Координативното тело со кое претседава вицепремиерот за економски прашања и сите документи и целата комуникација меѓу институциите се води од тој кабинет.
„Затоа ние во Министерството за економија таму каде што можеме да придонесеме, даваме информации, а воедно за ова немаме информации“,
одговори Бектеши.