Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, објави дека сите функционери на СДСМ разликата во платата над 14 500 денари ќе ја донираат во државниот фонд за помагање на граѓаните и борбата против коронавирусот.
„Во духот на солидарноста министри, пратеници, заменици-министри, државни секретари, директори на претпријатија и останати функционери на СДСМ ќе земаат минимална плата од 14 500 денари, без оглед на одлуката на Уставниот суд. Разбираме низ што поминуваат граѓаните и заеднички, со меѓусебно помагање ќе се избориме со сите предизвици. Справувањето со економските последици предизвикани од коронавирусот бараат посветеност, одговорност и пред сѐ солидарност од сите нас“,
рече Николовски.
Вчера и коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, реши нивните министри, заменици-министри и државни секретар да го донираат остатокот од плата што е над минималецот.
Ваквите чекори следуваат откако пред два дена Уставниот суд реши да поведе постапка за оценување на уставноста и дотогаш да ја запре уредбата на Владата со која во април и мај минимална плата требаше да земат сите избрани, именувани и назначени лица во јавниот сектор – пратеници, шефот на државата, министри, градоначалници, судии, обвинители…