„Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам на секој начин да се вакцинираат оние што се невакцинирани. Да, и во другите градови ќе се враќаат од градинка децата што не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба“, вели министерот за здравство

Засилени инспекциски контроли во градинките на државно ниво и откривање нецелосно или делумно вакцинираните деца против пертусис, најавува министерот за здравство во техничката влада Илир Демири.
Демири вели дека веќе има потпишано таква наредба и дека веќе ќе се постапува.
„Мислам дека веќе пред две недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон тоа. Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам на секој начин да се вакцинираат оние што се невакцинирани. Да, и во другите градови ќе се враќаат од градинка децата што не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба“,
рече денеска Демири одговарајќи на новинарско прашање дали се задоцнети мерките за вонредните инспекциски надзори на ДСЗИ во градинките, да не се примаат деца делумно или целосно невакцинирани.
Тој вели дека и досега имал јавни изјави дека од градинка треба да се вратат оние деца што не се вакцинирани и апелираше да се зголеми свесноста и значењето на тоа што значи вакцинација.
Прашан дали има податоци колку решенија за забрана на деца во градинка се издадени досега од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Демири рече дека нема таков податок.
Демири повтори дека во Министерството за здравство чекаат одобрување од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за младите лекари да бидат ангажирани да поминат платена пракса.
„Побаравме, поради тоа што на територија на Град Скопје веќе имаме прогласена епидемија, да се зголеми бројот на вакцинални пунктови за да може да ја зголемиме бројката на вакцинација. Побаравме од Министерството за финансии и Фондот за здравство и поминато е тоа на владина седница, чекаме дали ќе добиеме одобрување од ДКСК. Ако добиеме позитивен одговор од ДКСК, тогаш може комотно младите лекари да се ангажираат во вакциналните пунктови и да се зголеми бројот на вакцинирани“,
додаде Демири.
Со тоа, како што рече Демири, и младите лекари ќе бидат задоволни со извршувањето пракса и надлежните со зголемување на бројот на вакцинирани лица.
Минатата недела од Комисијата за заразни болести дадоа препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да врши засилен инспекциски надзор во градинките, да се овозможи тестирање на територијата на цела држава за пертусис, како и водење задолжителна дигитална евиденција за вакцинација.
Од Министерството за здравство, ден подоцна, информираа дека министерот ги прифаќа препораките и донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори.