„Во изборната единица 1 носител еден ќе бидам јас. Во ИЕ 2 ќе биде потпретседателот Владо Мисајловски, во ’тројката’ пратеникот Драган Ковачки, во изборната единица 4 ќе биде Александар Николоски, во ’петката’ сè уште немаме донесено одлука, а во ИЕ 6 ќе биде пратеничката и член на Извршниот одбор, Дафина Стојаноска“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Овие избори не се избор помеѓу Европа и изолација. Овие избори се одлука на граѓаните во Македонија помеѓу Али Ахмети, Артан Груби, Зачевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од едната страна и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од друга страна. Ова денеска го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира изјавите на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој постојано вели дека претстојните избори нудат две опции, односно избор на Европската Унија или избор на изолација.

„Граѓаните мора јасно да знаат дека ова се избори на одлука во која ќе избираат од едната страна групата на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски и од другата страна се ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, односно влада на народот. Секоја друга, трета опција или седење дома е директно гласање за првата група. Ги повикувам граѓаните масовно да излезат на следните избори и да одлучат во каква држава сакаат да живеат“,
рече тој.
Мицкоски најави дека според планот на активностите, 31 март е предвиден за промоција на листите за пратеници, 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор.
Рече дека во некои од изборните единици се профилирани носителите на листите за пратеници, но очекува денеска и тоа да биде финализирано. Сепак, кажа кои имиња ќе бидат носители во шесте изборни единици, освен за ИЕ 5, за што посочи дека сè уште дека немаат одлучено кој ќе ја предводи.
„Во изборната единица 1 носител еден ќе бидам јас. Во ИЕ 2 ќе биде потпретседателот Владо Мисајловски, во ’тројката’ пратеникот Драган Ковачки, во изборната единица 4 ќе биде Александар Николоски, во ’петката’ сè уште немаме донесено одлука, а во ИЕ 6 ќе биде пратеничката и член на Извршниот одбор, Дафина Стојаноска“,
вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Најави дека програмата за изборите се финализира, како и дека има во неа многу новитети.
„Не ветуваме чуда, но стоиме зад тоа што е ветено. После две години, истата таа програма ќе биде ревидирана. Но, она што ќе го наследиме е навистина алармантно. Државата е пред една катаклизмична состојба“,
рече тој.
Шест и пол години, според Мицкоски, власта не го заштитила не само националниот и државниот интерес туку, како што вели, дополнително го оштетиле и го отежнале патот на генерациите што доаѓаат.
„Ги нарушија сите преговарачки позиции на Македонија и за сметка на тоа не добија ништо. Дури и ова последново што беше потпишано и беше наречено Француски предлог, лага и тоа голема лага е дека е практично договор за членство во ЕУ. Ова е договор со кој дополнително ќе се отвори процесот на дополнителни би рекол условувања и ќе го направи самиот пат невозможен за Македонија и македонските граѓани“,
вели Мицкоски
Според него, овие шест и пол години од владеењето на СДСМ не ја донеле државата кон Европа, туку ја оддалечиле земјата од Европа.
„Нè оддалечија во смисла на тоа дека нивото и степенот на криминал и корупција се од епски размери и највисоки во Европа. Економски уназадуваме наместо да одиме напред“,
рече тој.
Мицкоски рече дека било ветувано да се случи раст на БДП просечен од 5 отсто, но, како што посочи, во 2023 година сме биле со најнизок раст во регионот и сме завршиле со едвај 0,9 отсто.
„После ревизијата што ќе ја направи независен државен завод за статистика, а не овој партиски и политизиран завод на ДУИ и СДСМ, таа нема да биде поголема од 0,5 до 0,6 отсто. Значи, дури и инерцијата на економијата успеваат да ја придушат“,
рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски, е насочена кон политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните на дневна основа, пред сè во администрацијата, владеење на правото, образованието и здравството.
„Гледам дека црната кампања на СДСМ не е насочена кон ВМРО-ДПМНЕ, туку директно кон мене. Ќе им порачам да продолжат да се занимаваат со Христијан Мицкоски, а ние ќе продолжи да работиме во служба на граѓаните. Ние ќе решаваме проблеми, а тие нека продолжат со црната кампања кон мене“,
изјави тој.