Од бугарското МНР посочија и дека поради неодамнешните јавни коментари на македонските политичари и, како што се вели во соопштението, лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија, на разговор во бугарското МНР била повикана и македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска
Нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија, каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка. За таа цел, потребна е конструктивност во билатералните односи меѓу двете земји и решавање на отворените прашања. Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски, велат од неговиот кабинет, одговарајќи на прашање на Македонската информативна агенција (МИА) за соопштението на бугарското Министерството за надворешни работи во врска со, како што посочија оттаму, неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија.

„Ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања“,
се вели во одговор од претседателскиот кабинет.
Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој, како што велат, е потврден и со одлуките на судот во Стразбур.
„Во однос на коментарите кои се однесуваат на постоење на македонското малцинство во Бугарија се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Од бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) соопштија дека бараат од македонските политичари и од политичките партии во Република Северна Македонија да не ги вклучуваат билатералните односи меѓу двете држави во предизборната реторика.
Оттаму посочија и дека поради неодамнешните јавни коментари на македонските политичари и, како што се вели во соопштението, лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија, на разговор во бугарското МНР била повикана и македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска.
„Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија беше повикан на состанок во Министерството за надворешни работи во врска со неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“,
велат од бугарското МНР.
Оттаму велат дека Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање, како што велат на постојаните провокации во јавниот простор од страна на Северна Македонија.
Според соопштението на бугарското МНР, се повикува политичката елита во Северна Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост и да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и строго да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година.
„Тоа е единствената можност да се постигне вистински напредок во процесот на европска интеграција на земјата за доброто на нејзините граѓани“,
се вели во соопштението од бугарското МНР.
Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации во својот извештај за Бугарија објавен на 10 декември минатата година посочил Бугарија да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на правата на припадниците на малцинските етнички заедници, меѓу кои и македонската и помачката (етнички Македонци со исламска вероисповед), вклучително преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Во извештајот се наведува дека Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од страна на Бугарија оти сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците, но дека, сепак, изразува загриженост поради извештаите дека на припадниците на македонските малцински групи им се забранува слободно остварување на правото до слобода на собирање и здружување.
Дополнително, Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и отежнувачките услови за регистрација на граѓански организации и пријавеното одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација.