Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, оцени дека пред точно три години и три месеци лидерите на Западен Балкан одлучиле да потпишат визионерска одлука за слободен пристап до пазарот на труд и со тоа да им олеснат на нивните граѓани кои, како што кажа, ги делат истите проблеми
Од утре – 1 март – официјално започнува единствениот пазар на труд на Отворен Балкан, чии членки се С Македонија, Србија и Албанија. Тоа значи дека сите граѓани на овие држави со наједноставна процедура ќе можат да се вработат во која било од земјите од оваа иницијатива, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, оцени дека пред точно три години и три месеци лидерите на Западен Балкан одлучиле да потпишат визионерска одлука за слободен пристап до пазарот на труд и со тоа да им олеснат на нивните граѓани кои, како што кажа, ги делат истите проблеми.
„Од 1 март граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија конечно ќе можат да живеат и работат во која било од трите земји како во својата. За овие наши простори каде првото правило на јавната администрација беше ‘не може’, 1 март е револуција. Пред точно три години и три месеци, лидерите на земјите од Отворен Балкан одлучија и потпишаа визионерска одлука за воспоставување слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан. Три години и три месеци лидерите и неколку вредни луѓе од управите ги убедуваа со логични аргументи своите ‘не може’ колеги“,
изјави претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.
Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број со кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платфотмата еУправа генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан.
Заинтересираното лице потоа може да пристапи до порталот за еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Конкретната земја по проверка ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи под исти услови како локален граѓанин на државата до две години, а по истекот може да се продолжи престојот, т. е. рокот на работната дозвола.
