Тие се прва невенчана двојка која се всели во Даунинг стрит 10, но и трета двојка која на оваа адреса доби принова
Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата свршеницата Кери Симондс денеска добија син.
Портпаролка на двојката истакна дека мајката и бебето се чувствуваат одлично.
„Премиерот и неговата партнерка со восхит го објавуваат раѓањето на здраво момче рано изутринава во болница во Лондон“,
изјави портпаролката, додавајќи дека тие му заблагодаруваат на „прекрасниот медицински персонал“.
Џонсон (55) и Симондс (32) минатиот месец објавија дека се свршиле кон крајот на минатата година, а на „почетокот на летото“ очекуваат принова.
Тие се прва невенчана двојка која се всели во Даунинг стрит 10, но и трета двојка која на оваа адреса доби принова. Додека ја извршуваа функцијата премиер на Велика Британија, принова добија и Дејвид Камерон и пред тоа Тони Блер.
Џонсон во понеделникот им се врати на работните обврски откако закрепна од заразата со коронавирус, а симптоми на ковид-19 имаше и неговата свршеница.
Тој на почетокот на минатиот месец најави дека веројатно ќе искористи двонеделно породилно отсуство кога ќе се роди бебето, но засега е неизвесно дали ќе го направи тоа бидејќи државата се наоѓа во вонредна ситуација поради епидемијата на новиот коронавирус.
Џонсон има четири деца од претходниот брак, како и едно од вонбрачна заедница, додека ова е прво дете на неговата свршеница.