Според него, МВР не потфрлило во нарачката на пасоши, бидејќи биле нарачани приближно два милиона обрасци
ЕУ во моментот нема децидна одлука дали може или не, македонските граѓаните да патуваат во нејзините земји членки со патна исправа со старото име и се остава на секоја посебно земја членка да донесе своја одлука. Ова вечерва за ТВ 21 го изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев одговарајќи на прашањето што пишува во дописот испратен од Комитетот за патни исправи на Европската Унија.

„Во дописот никаде не пишува стриктно дека може да се користат патните исправи. Таму пишува дека треба да се изнајде решение, а во моментот сите земји членки да одлучуваат самостојно. И има прашање до нас уште колку ни е потребно време за промена на сите патни документи. ЕУ во моментот нема децидна одлука дали може или не може граѓаните да патуваат во нејзините земји членки и се остава на секоја посебно земја членка да донесат своја одлука, бидејќи Република Грција ги има известено, а нашата држава ги нема известено дека патните исправи не се во важност“,
рече тој.
Посочи дека уште во 2021 година во октомври биле дистрибуирани 25 базни станици ширум светот, во нашата дијаспора, каде што граѓаните можеа и можат да ги заменуваат своите лични документи.
„Досега само 44 000 граѓани ги имаат сменето патните документи. Ги покануваме да ја искористат и таа опција доколку во близина на нивното живеење има базна станица и не им претставува финансиски товар, или кога ќе дојдат во матичната држава, останува можноста да се сликаат и во законски рок да ги земат своите документи“,
рече Бојмацалиев.
На прашањето за најавената истрага во врска со обрасците за патни исправи во процесот на промена на личните документи на граѓаните, тој вели дека истрагата е побарана од новиот технички министер Панче Тошковски.
„Можам да потврдам дека не се работи за никаква саботажа во МВР и ќе дадам конкретни примери зошто тоа не е така. На самиот ден на примопредавање стигаат во МВР 50 000 пасоши, минатата недела 20 000 пасоши. Во четврток или петок добиваме бројка од над 100 000 пасоши и наредната недела добиваме околу 120 000 пасоши. Имаме информација од Веридос дека ќе биде испорачано во два турнуси. Со тие обрасци кои стигнаа и оние коишто ќе дојдат ја задоволуваат потребата на МВР да излезе во пресрет на граѓаните и да им ги издаде документите кои им се потребни, до следната тура на обрасци, која ќе дојде над 300 000 во месец јуни”,
рече Бојмацалиев.
Според него, МВР не потфрлило во нарачката на пасоши, бидејќи биле нарачани приближно два милиона обрасци.
„Ако се вратиме назад, во државата имаме 1 803 000 кои имаат важечка патна исправа. Кога се правела проекцијата за нарачка на пасоши, била направена приближно два милиона. Никаде МВР не потфрлило или не предвидело колку пасоши ќе бидат потребни за граѓаните. Јас жалам што во овој период имаше политички партии кои повикуваа ‘никогаш Северна’, договорот ќе го укинеме, и граѓаните ги доведоа до заблуда да не ги сменат своите патни исправи. Ова го велам зошто имам факти и докази зошто е тоа така”,
вели тој.
Во декември и јануари 2021 и 2022 година, Бојмацалиев вели дека имале просек од 40-50 илјади граѓани кои барале смена на лични документи.
Како реториката на одредени политички партии се намалуваше и ја прифаќаа реалноста, бидејќи мислеа дека така ќе добијат некои политички поени во одреден период, се намали таа реторика, и декември, јануари имаме граѓани кои барале смена на лични документи, над 170 000 граѓани. Што ми е поентата? Ако изминатиот период ја немало таа реторика на одредени политички партии и политичари за дневнополитички поени, ние досега ќе сме ги сменеле сите пасоши и документи. Бидејќи, капацитетите на МВР покажуваат дека можат да услужат и 170 000 граѓани. Не е во тоа дека некој некого саботирал од внатре или го довел до оваа ситуација. МВР и државата ги создаде сите услови кои се потребни за промена на личните документи. Тоа го зборуваат бројките”,
рече Бојмацалиев.