Шеесет и шестгодишниот Д.Ѓ., како што соопштуваат од кумановската полиција, денеска бил лишен од слобода

Две лица се убиени, а едно е повредено денеска во кумановското село Габреш.
Како што соопштуваат од кумановската полиција, станува збор за убиство поради нерасчистени имотно-правни односи меѓу брат и сестра.
Шеесет и шестгодишниот Д.Ѓ. од селото Габреш, информираат од СВР Куманово, пукал со огнено оружје кон својата три години помлада сестра Д.Р и кон нејзините синови 36-годишниот Ж.Р. и 38-годишниот Т.Р.
Во инцидентот се убиени сестрата на напаѓачот и постариот син, додека помладиот со повреди бил пренесен во Општата болница во Куманово.
„Поради нерасчистени семејни односи, денеска во 12:25 часот полициски службеници од СВР го лишиле од слобода Д.Ѓ. (66) затоа што во село Габреш, Кумановско, поради нерасчистени имотно-правни односи, пукал од огнено оружје кон својата сестра Д.Р. (63) и нејзините синови Ж.Р. (36) и Т.Р. (38). Итна медицинска помош констатирала смрт кај Д.Р. и Т.Р., додека Ж.Р. со повреди е пренесен во Општа болница Куманово“,
информираат од СВР Куманово.
Триесет и шестгодишниот Ж.Р., кој со прострелни рани бил примен во кумановската болница, поради сериозноста на повредите, е префрлен на понатамошно лекување на една од скопските клиники.
Од СВР Куманово велат дека увидот на местото на инцидентот е во тек.