Вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби прогнозира дека ДУИ би освоила меѓу 15 и 17 пратенички мандати при самостоен настап
Тој лично не сака да биде дел од кандидатските листи бидејќи како што вели, смета дека многу повеќе може да придонесе работејќи позадински

Дали ДУИ и СДСМ би оделе со заеднички листи на претстојните парламентарни избори ќе се „мери“ на уште една заедничка консултација неделава, најавува вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во интервју за „360 степени“ на МРТ1.
„Во моментов, расположението во ДУИ е за разговори со други коалициони партнери, партијата на господинот Хоџа, на Тачи, на Реџепи Зеид и на други општествени чинители, додека со СДСМ имавме состанок пред десетина дена, заедно со претседателот на СДСМ, господинот Ковачевски, и мислам дека би требало да имаме состанок и неделава, деновиве што се пред нас, да видиме какви резултати покажуваат нивните анкети, какви нашите анкети, да видиме кој е најдобриот начин да се настапи“,
кажа Груби.
ДУИ не се надева на предизборна коалиција со Алијанса за Албанците, односно со крилото на Зијадин Села. Груби вели дека на Христијан Мицкоски му успеално да ја подели партијата.
Груби: Гледајќи ги ставовиве на нашите колеги во Владата (од Алијанса за Албанците, н.з.), тие би сакале да излезат самостојно на овие избори, дури и со нивен претседателски кандидат, ако нивните најави останат како што беа планирани.
360°: Дали тоа значи дека на Таравари делумно му успеа тоа на што работеше – ја подели Алијанса и ја одврати од тоа да соработува со вас во предизборна коалиција?
Груби: Очигледно, ако ги слушаме говорите на нивниот конгрес вчера, тоа му успеа на господинот Мицкоски, а не на господинот Таравари, затоа што согласно говорите што ги чув вчера, ова е план што бил во најава и искажан во медиумите од страна на Мицкоски, да ја подели Алијанса на два дела и господинот Таравари да се построи позади господинот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Ако ДУИ и Алијанса настапеа заедно, Груби прогнозира дека тогаш би освоиле меѓу 23 и 25, но, сега, повикувајќи се на анкети, прогнозира дека ДУИ ќе има од 15 до 17 пратеници.
Груби: Сега ние мериме дали сакаме, дали е добро за државата, дали е добро за СДСМ, за ДУИ, за Алијанса за Албанците и за другите политички партии да имаме заеднички листи и дали тие заеднички листи би имале повеќе од 61 пратеник во Собранието.
360°: Мислам дека тоа е невозможно, јасно ви е, евентуално можеби таа заедничка листа може да се бори да има еден мандат повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, па да го добие мандатот утре за формирање влада. Инаку, до 61 дека може да стигне, мислам дека тоа е невозможно.
Груби: Ако работевме од почетокот, пред една година, ќе беше многу повеќе од 61, но на последната анкета која ни беше претставена, Европскиот фронт составен од СДСМ и ДУИ беше 4% пред ВМРО-ДПМНЕ на анкетите, но тоа не се преведува во 61+ мандат во Собранието. Така што, вашата констатација е точна во тој дел. Сега ќе почнеме со нов циклус анкетирања.
Груби лично не сака да биде дел од кандидатските листи за пратеници затоа што, како што вели, смета дека многу повеќе може да придонесе позадински, работејќи во штаб.
Груби: Сметам дека ДУИ има доволно кадровски капацитети за да има луѓе кои би ги исполниле листите за пратеници во сите шест изборни единици. Има луѓе и за локална власт, има луѓе и за претседателски избори, така што, сметам дека многу повеќе луѓе треба да бидат вклучени во процесот за да биде успешен.
360°: Дали е ова признание дека, сепак, не сте многу популарен меѓу гласачите Албанци?
Груби: Не верувам дека е тоа причината. Затоа што, прво, не е мерено, второ, јас сум учествувал на избори, не ми е првпат. Двапати сум бил кандидат за пратеник и двапати сум бил пратеник, сум учествувал во кампањата за градоначалник на Град Скопје, каде што никој по мене нема земено повеќе гласови, 31 000 гласови земав во изгубена битка за Град Скопје.
