Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, доби кривична пријава за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, потврдија од МВР.
Кривичната следува откако претходно за случувањата во Куманово два вонредни инспекциски надзори правеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а извештаите ги предаде во МВР.
Членот 206, за кој се однесува кривичната пријава за Димитриевски гласи: „Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“.
Кривичната пријава ја искоментира и Димитриевски преку социјалните мрежи посочувајќи дека станува збор за класична злоупотреба на инструментите на власт.
„Кривична пријава? Класична злоупотреба на инструментите на власта. Легитимна постапка со независни и непристрасни професионалци ќе ја покаже вистината. Навикнат сум на борба. И понатаму со ист интензитет заедно со истомислениците ќе продолжам да се борам. Во минатото се борев против режим. Дали е на повидок нешто слично? Мојот приоритет во овие моменти е борба против епидемијата и здравјето на граѓаните. Правдата и вистината секогаш победува!“,
напиша градоначалникот додавајќи „Нема правда, нема мир“.

Покрај кривичната, ДСЗИ најави и парична казна за Димитриевски и за уште еден член од кризниот штаб, во висина од 300-600 евра. Ваквата најава следуваше откако по извршените надзори беше соопштено дека е утврдено оти го прекршил решението за домашно лекување и го напуштил местото на престој што е спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести. Прекршувањето било бидејќи градоначалникот додека е во изолација поради позитивен тест на ковид-19, со возило на Итната медицинска помош, заедно со другиот член на штабот, бил да се тестира во приватни лаборатории во Скопје.
„Кога има решение за лекување во домашни услови, местото може да се напушти само исклучиво во случај на влошување на состојбата кога преку матичен лекар или епидемиолог ќе се контактира Брзата помош која ќе испрати персонал со соодветна заштитна опрема и лицето ќе биде транспортирано до соодветното инфективно одделение или до Инфективната болница во Скопје. Ако лицето има други симптоми кои не се поврзани со ковид-19, истото по ист протокол треба да биде пренесено во градската општа болница ’8-ми септември‘“,
објаснуваше директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова-Бухова.
Поради ова, пропусти беа констатирани и кај здравствените институции во Куманово.
На наодите од надзорите, пак, Димитриевски реагираше дека станува збор за монтиран случај.