На објавувањето на кандидатурата на прес-конференција на градскиот плоштад во Гостивар, како што е најавено, ќе бидат присутни лидерите на трите партии од ЕСП – Изет Меџити (Демократско движење), Африм Гаши (Алтернатива) и Билал Касами (Движење Беса)
Актуелниот претседател на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, денеска официјално ќе ја објави кандидатурата за претседател на државата.

Таравари, како што соопштија утрово од информативната служба на партијата, одлуката ќе ја соопшти на вонредна прес-конференција закажана во 10 часот, а која, според најавата, ќе се одржи на градскиот плоштад во Гостивар.
Неговата кандидатура, се наведува, е предлог на Претседателството на Алијанса за Албанците, а поддржана од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП).
На прес-конференцијата е најавено, односно ќе бидат присутни лидерите на трите партии од ЕСП – Изет Меџити (Демократско движење), Африм Гаши (Алтернатива) и Билал Касами (Движење Беса).
Дека гостиварскиот градоначалник и актуелен лидер на Алијанса ќе биде кандидат за претседател на државата на опозицискиот блок на Албанците дел од медиумите објавија синоќа, повикувајќи се на свои извори, но сè до утрово официјална потврда од Таравари и неговите приврзаници во партијата немаше.
Сепак, претходно вчера, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, чија партија е дел од тројката опозициски партии на Албанците, објави дека името на претседателскиот кандидат со кој на изборите на 24 април ќе настапи коалицијaта е веќе познато, а во наредните денови ќе биде и јавно објавено. Додаде дека се работи за човек кој ги надминува етничките и политичките граници во земјава.
Одлуката, како што пренесоа синоќа ТВ Алсат и ТВ 21, била официјализирана вчеравечер на заедничка средба со партиските лидери од „Европскиот сојуз за промени“.
Името на Таравари како можен претседателски кандидат на опозицискиот блок на Албанците се споменуваше уште од средбата која тој и лидерите на „Европскиот сојуз за промени“ ја имаа со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина на крајот на јануари годинава. Подоцна тој изјави дека не е заинтересиран за такво нешто.
Инаку, неодамнешниот повик на Таравари до партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап на Алијанса за Албанците со опозициските партии на Албанците предизвика раздор во партијата.

Тој се најде во судир со поранешниот партиски лидер и актуелен претседател на Централното собрание на Алијанса, Зијадин Села, кој спротивно на Таравари смета дека партијата треба да оди сама изборите.
Разидувањето во нивните ставови се преслика и меѓу министрите и пратениците од оваа партија. Ова доведе и до мини реконструкција на владата, односно до разрешување на министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу, кои застанаа зад Таравари.
Вчера, претседателот на Собранието, Јован Митрески, ги потпиша решенијата за распишување на 7. претседателски и 11. парламентарни избори од осамостојувањето на државата.
Првиот круг од изборите за претседател ќе се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со изборот за пратеници во Собранието, односно парламентарните избори.