Пожарот, како што ни изјави командирот на скопската Противпожарна бригада Звонко Томевски, настанал во вентилациски канал во делот на трговскиот центар каде што се сместени рестораните
Пожар утрово избувна во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, на најгорниот кат, каде што се наоѓаат рестораните за подготовка на храна. Во пожарот, освен материјална штета, нема повредени лица, а противпожарните екипи по интервенцијата, како што информираа за „360 степени“ од скопската Противпожарна бригада, во моментов се повлекуваат од местото.

Според командирот на Противпожарната бригада на Град Скопје Звонко Томевски, дојавата за пожарот била примена утрово во 9:35 часот, по што веднаш интервенирале со пет противпожарни возила и 15 пожарникари.
„Беше примена дојава за настанат пожар во вентилациски канал во делот на трговскиот центар каде што се сместени рестораните. Интеревенирано е со пет противпожарни возила и 15 пожарникари. За кратко време пожарот е изгаснат. Потоа се работеше на расчистување на местото за да не дојде до повторно разгорување бидејќи има филтри со активен јаглен“,
ни изјави Томевски.
Причините за избувнување на пожарот засега не се познати и надлежните допрва треба да ги утврдат.
Инаку, по избувнувањето на огнот и интервенцијата на противпожарните екипи, трговскиот центар на бил во функција, а посетителите и персоналот биле евакуирани.
Од трговскиот центар преку писмено соопштение до медиумите информираа дека техничките служби заедно со пожарникарите го локализрале пожарот и навремено спречиле огнот да не се прошири.
„Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации беа активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани. Како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица ниту е причинета голема материјална штета“,
се наведува во соопштението.

Настанот, како што се додава, се случил во време кога трговскиот центар сè уште не бил оперативен и немало посетители.
Во моментов, велат од „Ист гејт мол“, надлежните вршат увид за утврдување на причините за пожарот и по неговото завршување трговскиот центар ќе продолжи со работа со редовно работно време.
