„Ова може да доведе до хуманитарна катастрофа, имајќи го предвид фактот што поради затворената граница со Египет натамошното упатување кон југ е невозможно. Борбата против Хамас не го исклучува почитувањето на меѓународното и хуманитарно право. Цивилите треба да бидат целосно заштитени“, напиша министерот за надворешни работи
Длабоко сум загрижен за најавеното проширување на воената операција кон пограничниот град Рафах, каде што засолниште нашле над 1,3 милион граѓани на Газа, пред неколку часа напиша на својот фејсбук-профил Бујар Османи, министерот за надворешни работи.

Ваквата реакција на Османи доаѓа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како што пренесуваат странските медиуми, и наредил на војската да развие план за евакуација на Рафах, со цел да се уништат четири баталјони на Хамас, кои според него, се таму распоредени.
„Ова може да доведе до хуманитарна катастрофа, имајќи го предвид фактот што поради затворената граница со Египет натамошното упатување кон југ е невозможно. Борбата против Хамас не го исклучува почитувањето на меѓународното и хуманитарно право. Цивилите треба да бидат целосно заштитени,
вели Османи.
Министерот повикува на итно враќање на преговорите, со што, како што напиша тој, би се овозможило ослободување на заложниците и би се отворил патот кон изнаоѓање на одржлив мир.
Градот Рафах е засолниште за стотици илјади Палестинци кои претходно беа раселени од други делови на Појасот поради операциите на израелската војска во војната со Хамас.
Нетанјаху го нарече Рафах „последниот бастион“ на Хамас и рече дека Израел разработува детален план за да обезбеди безбеден премин за цивилите.
Како што известува Си-ен-ен, израелски воени авиони убиле тројца членови на Хамас во Рахах, вклучително и двајца високи воени оперативци.
Во меѓувреме, палестинската полиција соопшти дека најмалку пет полицајци се убиени во израелските воздушни напади врз Рафах, а болничките власти соопштија дека во напад во градот загинале најмалку 12 цивили.
Според Палестинската црвена полумесечина израелските сили спречиле кислород да стигне до болницата „Ал Амал“, што резултирало со смрт на тројца пациенти. Оттаму велат и дека Израел не обезбедил медицинска опрема и продолжува да ја блокира испораката на гориво за генераторите на електрична енергија во болницата.
Според Министерството за здравство на Газа, од почетокот на израелските напади се убиени вкупно 28 176 Палестинци се убиени, а 67 784 се повредени во израелските напади врз Газа од 7 октомври. Се проценува дека во изминатите 24 часа загинале 112 Палестинци, а 173 се повредени.
Според хуманитарните организации, поради недостаток на вода, жителите морале да пијат од тоалетите.
