Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека би прифатил да биде заеднички кандидат за претседател на државата, вели дека таа е доказ оти СДСМ е на исклучително демократско ниво, како и дека секој кој ги исполнува критериумите согласно правилникот, може да биде предложен
Актуелниот претседател Стево Пендаровски, поранешни претседатели на државата, поранешни претседатели на СДСМ, поранешни секретари на СДСМ, но и врвни поранешни судии се меѓу можните кандидати предложени за иден претседател на државата, рече денеска лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски по прес-конференцијата со неговиот колега од Германија, Ларс Клингбеил, одговарајќи на новинарско прашање колку можни кандидати се предложени од владејачката партија за претстојните претседателски избори.

„Не можам да ви кажам точно колку можни кандидати се предложени затоа што ги немам бројките пред мене. Тие се собираат во секторот на организацискиот секретар. Се работи за повеќе еминентни можни кандидати, вклучително и претседателот Пендаровски, којшто е предложен од општинските организации. Тоа што можев да го видам од она што го имаме добиено на располагање од општинските организации, само потврдува дека СДСМ е голема партија, партија која располага со врвен кадровски потенцијал и која секогаш ги има најдобрите кандидати за сите позиции,
рече Ковачевски.
Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека би прифатил да биде заеднички кандидат за претседател на државата, вели дека таа е доказ оти СДСМ е на исклучително демократско ниво, како и дека секој кој ги исполнува критериумите согласно правилникот, може да биде предложен.
„Тоа што го кажува потпретседателот на партијата, Битиќи, апсолутно е во корелација со тоа што го кажувам, а тоа е дека оваа постапка во нашата партија е на исклучително високо демократско ниво. Секој може да биде предложен, којшто ги исполнува критериумите согласно правилникот и сечија кандидатура и амбиција, сечиј капацитет и потенцијал нормално дека од Извршниот и од Централниот одбор на партијата ќе бидат земени предвид“,
рече Ковачевски.
Сепак, лидерот на СДСМ рече и дека ќе биде номиниран претседателски кандидат кој ќе го продолжи она што Владата го прави, а тоа е да ја продолжи европската интеграција на државата.
Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател во СДСМ, Фатмир Битиќи, во синоќешното интервју за ТВ Алсат на прашањето дали би прифатил да биде претседателски кандидат на претстојните избори рече дека ако се бара консензуален кандидат, како што самиот се нарече, тогаш би прифатил таква понуда.
Во однос на информациите дека министерот за надворешни работи Бујар Османи наводно ќе биде кандидат за претседател номиниран од ДУИ, Ковачевски рече дека секоја политичка партија има легитимно право да кандидира кандидат за претседател.
„Секоја политичка партија има свое легитимно право да кандидира кандидати за претседатели. Секоја политичка коалиција има легитимно право да кандидира и секој поединец има легитимно право да се кандидира за претседател за која било друга функција“,
изјави претседателот на СДСМ.