Во партиското соопштение се наведува дека ДУИ со загриженост ја следела целата дебата и кампања против Законот за игри на среќа и во, како што вели, заштита на сомнителниот монопол во оваа индустрија
Демократската унија за интерграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение го поздрави усвојувањето на измените на Законот за игри на среќа со кои се предвидува обложувачниците и казината да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Во партиското соопштение се наведува дека ДУИ со загриженост ја следела целата дебата и кампања против Законот за игри на среќа и во, како што вели, заштита на сомнителниот монопол во оваа индустрија.
„Но, опструктивната, блокирачка, клеветничка, негативна и навредлива кампања не помина. Оддалечувањето на казината и обложувачниците како и демонополизацијата на индустријата се дел од политиката и програмата на Демократската унија за интеграција, но и на Владата подржано во Собранието“,
се додава во соопштението на ДУИ.
Усвојувањето на Законот, како што велат од ДУИ, освен што ги дислоцира објектите за игри на среќа од образовните институции и ги штити и спречува малолетниците да се вклучат во игрите на среќа, ги зголемува приходите во Буџетот преку зголемување на даноците и цената на лиценците.
Со измените на Законот, кои вчера беа усвоени во парламентот, цената за една лиценца за обложувачница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Истовремено, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца, а дополнително, за секое следно уплатно-исплатно место над 25-ото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок од 10 000 евра. Законските измени предвидуваат и автомат-клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра наместо досегашните 78 750 евра. Таа ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат-клубовите ќе треба да плаќаат надомест во износ од 30 000 евра.