
„Европската комисија ја поздравува одлуката на лидерите на ЕУ да поддржат почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија“,
рече портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, на 30.3.2020.
Иако на оваа вест се чекаше 15 години, сепак се најде на крајот на информативните изданија во земјава тој ден. Ковид-19 засени сѐ – од зачленувањето во НАТО, до одлуката за почеток на преговори со ЕУ – двете клучни цели не само на оваа туку и на други влади од 1991 досега.
Тоа се нотира и во овој бриф на БИЕПАГ – Советодавната група за јавна политика-Балканот во Европа. Тимот меѓународни експерти, кој со години го следи процесот на интеграција на регионот кон Унијата, заклучува дека поради ковид-19, едноставно кажано, не успеавме да му се израдуваме ниту на полноправното членство во Алијансата, ниту на одлуката за старт на преговори со Унијата. Но, она што се чини поважно се насоките што БИЕПАГ ги дава за во иднина во документот насловен „Западниот Балкан во период на глобална пандемија“. Препораки има и за земјите членки и за земјите аспирантки.
Влијание на ковид-19 врз процесот на проширување

Документот сугерира дека и покрај здравствената ситуација која во моментот е врвен приоритет, ЕУ мора да го продолжи „процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан како што е предвидено со новата методологија за пристапување, така што во најкус можен рок ќе почне преговори со Северна Македонија и Албанија“. Но, дали динамиката ќе биде забавена поради корона-кризата и дали во јуни, сепак, нема да се одржи првата меѓувладина седница со земјава, како што претходно се најавуваше и во Брисел и во Скопје?

„Се надевам дека ќе има фактички почеток на пристапни преговори, но не би бил премногу голем оптимист дека процесот ќе се движи со голема брзина зашто, сепак, станува збор и за наоѓање решение за економските последици од кризата во ЕУ и, истовремено, да се обезбеди дека одредени земји-членки, како Италија, не се чувствуваат дека се оставени сами на себе со последиците од кризата“,
вели за „360 степени“, Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и член на БИЕПАГ.

„Сѐ уште во оваа ситуација никој не знае колку оваа криза ќе трае. Не можеме со сигурност многу работи да тврдиме. Но, се надеваме дека до крајот на годинава ќе можеме да го започнеме овој процес. Ако не може „во живо“ во Брисел, тоа може да се стори онлајн“,
дополнува Зоран Нечев од Институтот за демократија, исто така член на БИЕПАГ.
„Падот“ на ЕУ, наспроти „подемот“ на државите членки?!

Дали Унијата „киксна“ зашто не успеа брзо да реагира на ситуацијата што, пак, доведе до подем на националните влади во очите на граѓаните?! Иако самиот предупреди на опасноста од појава на коронавирус-национализам, францускиот претседател Макрон само неколку дена по оваа изјава ги затвори границите на неговата земја. Во брифот не се исклучува можноста на реафирмирање на улогата на националните држави во рамки на самата Унија. Дури и се предупредува на враќање на национализмот во ЕУ. Што би значело ова за Западниот Балкан од каде национализмот никогаш не си заминал.
„Бавниот одговор на Унијата не е поради немањето механизми туку едноставно здравствените политики се политики на земјите членки, не се организирани од ЕУ и оттука произлегува и самиот одговор на Унијата. Но, сега може да се види дека зема замав координираниот пристап на членките на ЕУ“,
вели Нечев.
Според Бибер, има раст на евроскептицизмот во некои членки, но според него тоа е моментална ситуација.
„Гледаме дека во Италија има раст на евроскептицизмот, има чувство како да се оставени сами на себе и гледаме дека е тешко да се има солидарност во услови на криза, но ЕУ станува поефикасна. Унијата не е многу брза, но кога ќе се придвижи, може многу поефикасно да помогне отколку големите геополитички актери како Кина или други“,
оценува Бибер.
Дали ЕУ остави простор на Балканот што друг играч може да го пополни?
„Пандемијата претставува предизвик за сегашниот глобален поредок и воспоставува нова геополитичка реалност во Европа. Ова важи и за регионот Западен Балкан“,
пишува во брифот на БИЕПАГ.
Предупредувањето до Унијата е дека други глобални играчи, конкретно Кина, може да ја искористат кризата за дополнително пенетрирање во регионот.
„Оваа криза Кина убаво ја искористи за да се впушти во своевидна јавна дипломатија или, пак, може да ја наречете и пропаганда. Треба да се има на ум дека ЕУ и помогна на Кина кога епидемијата беше на врвот во Кина, а кон средината на март, кога ситуацијата во ЕУ беше најлоша, беше арогантно, а би кажал и помалку непромислено од страна на српскиот претседател Вучиќ толку јавно да се постави на иста линија со Кина во ситуација кога вистинската борба беше во ЕУ. Да, Унијата се обидуваше да се справи со кризата во Италија, Шпанија, Франција, а не во Србија и сето ова наликуваше како да се користи само за домашни цели. Не би требало да се верува дека Кина дека ова го прави без да има некоја корист, всушност Кина обезбеди многу ограничена помош во текот на кризата. Она што се „продаваше“ како помош всушност беше помош која беше платена“,
анализира Флоријан Бибер.
Клучно, според експертите од оваа група, е Унијата во идниот период да го продолжи процесот на интеграција на регионов и Западниот Балкан да биде составен дел не само од плановите за закрепнување на европската економија, туку и од плановите за подобрување на координацијата во вонредни услови на пандемија. Користа ќе биде двострана – и за државите од регионот, но и за кредибилитетот на самата унија на Балканот.