„Со Таравари сум комуницирал досега. Со него беше комуникацијата и кога се правеше Владата што ја предводев. Тоа беше мојата комуникација. И пред два дена имав комуникација со Таравари и пред тоа имавме состанок во седиштето на СДСМ. Мојата комуникација е секогаш официјална, немам неофицијални разговори“, рече Ковачевски
Пратеничката група на СДСМ ќе гласа во согласност со предлогот што ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот што го имаат и пратениците на Алијанса за Албанците, изјави денеска лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на новинарско прашање како ќе гласаат пратениците од СДСМ доколку во Собранието биде доставен владин предлог за разрешување на двајца министри од Алијанса за Албанците и именување на нови од таа партија.
„За односите во Алијанса ќе прашате таму, јас не можам да одговорам во име на друга партија. Ако доставиле предлог до претседателот на Владата, тогаш ќе го прашате него каков предлог добил. За тоа како ќе гласа пратеничката група на СДСМ, таа ќе гласа во согласност со предлогот што ќе дојде од страна на Владата и секако врз основа на ставот што го имаат и пратениците на Алијанса“,
рече Ковачевски.
За тоа дека вчера од Алијанса за Албанците информираа оти Управниот совет на партијата донел одлука да ѝ предложи на Владата нови имиња за министри за здравство и за информатичко општество и администрација, а оти предлогот не е стигнат од Таравари, Ковачевски рече дека не ја знае структурата на партијата.
Прашан кој предлог за него е легитимен, оној на Арбен Таравари или тој на Зијадин Села, Ковачевски рече дека неговата комуникација досега била со актуелниот лидер на Алијанса за Албанците.
„Со Таравари сум комуницирал досега. Со него беше комуникацијата и кога се правеше Владата што ја предводев. Тоа беше мојата комуникација. И пред два дена имав комуникација со Таравари и пред тоа имавме состанок во седиштето на СДСМ. Мојата комуникација е секогаш официјална, немам неофицијални разговори“,
додаде Ковачевски.
Во однос на изборниот настап, тој рече дека е одлука на органите на партиите дали ќе се оди на заеднички листи или на листи со традиционални коалиции на коалициските партнери.
„Меѓутоа, на крајот на денот ние ќе имаме два блока во коишто едниот ќе биде за европска интеграција и другиот ќе биде за изолација“,
рече Ковачевски.
Прашан за преговорите за заеднички листи со ДУИ, рече дека процесите се движат кон одржување фер и демократски избори и победа на проевропската коалиција.
„За листите ќе видиме кога ќе носат одлуки партиските органи на сите партии“,
додаде тој.