Специфичните медицински состојби на членовите на кралското семејство ретко се објавуваат јавно. Според Бекингамската палата, тие имаат право на одредено ниво на медицинска приватност и покрај нивните позиции како јавни службеници
На британскиот крал Чарлс Трети му е дијагностициран рак, соопшти денеска Бекингамската палата, пренесува „Си-ен-ен“.
Тој ќе се повлече од јавните должности додека се лекува.
„Неговото височество денеска започна со распоред на редовни третмани за лекување. За тоа време лекарите му советуваа да ги одложи јавните должности“,
соопшти палатата.
Според странските медиуми, болеста му била дијагностицирана при закажана интервенција за зголемена простата, која ја правел минатиот месец во болница во Лондон.
Сепак, Бекингамската палата не открива дали ракот е поврзан со тоа.
„Во текот на овој период, Неговото Височество ќе продолжи да ја презема државната работа и официјална документација како и обично“,
се додава во соопштението од палатата.
Последно, кралот Чарлс Трети во јавноста се појавил во неделата, поздравувајќи ги присутните со рака на пат кон црковната служба. Бил во придружба на неговата сопруга, кралицата Камила.
Специфичните медицински состојби на членовите на кралското семејство ретко се објавуваат јавно. Според Бекингамската палата, тие имаат право на одредено ниво на медицинска приватност и покрај нивните позиции како јавни службеници.
Но, информацијата дека кралот направил одредена интервенција на простата, според „Си-ен-ен“ било објавено со цел да се подигне свеста за машкото здравје.
Принцот Хари разговарал со својот татко за дијагнозата и ќе отпатува во Велика Британија за да го види кралот во наредните денови.
Политичките лидери на Британија брзо реагираа на веста. Премиерот на Велика Британија Риши Сунак напиша на социјалните мрежи дека на кралот Чарлс му посакува целосно и брзо закрепнување.
„Не се сомневам дека ќе се врати во полна сила за кратко време и знам дека целата земја му посакува добро“,
рече Сунак.
Американскиот претседател Џо Бајден, пак рече дека е загрижен за кралот Чарлс.
„Загрижен сум за него. Само што слушнав за неговата дијагноза“,
рече Бајден.
Чарлс стана монарх по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, во септември 2022 година.