Вистинската правда допрва ќе ги стаса оние кои осудија невини, а злосторниците ги ослободија, коментира Дафина Стојаноска
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска е можеби единствена од раководството на опозициската партија која денеска се јави со став за настаните на 27 април 2017 година. Според Стојаноска, која е носителка на кандидатската листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица, денеска се заокружиле три години откако криминалците завладејаа со земјава, а уставобранителите завршиле зад решетки.
„Точно три години откако криминалците завладејаа со Република Македонија, а уставобранителите ги пикнаа во зандани. Вистинската правда допрва ќе ги стаса оние кои осудија невини, а злосторниците ги ослободија“,
напиша Стојаноска на својата страница на фејсбук, без да почочи кои се, според неа, злосторниците што се ослободени.
Денеска повеќе функционери на СДСМ излегоа со свои ставови за тригодишнината од крвавите настани во парламентот, кои се случија за време на изборот на Талат Џафери за прв парламентарец, а за што се водат неколку судски постапки. Но речиси никој од ВМРО-ДПМНЕ денеска е се огласи во врска со случувањата кои го означија крајот на конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав, која почна на 30 декември 2016 година, а поради опструкциите од функционери на ВМРО-ДПМНЕ се одолговлече дури до 27 април 2017 година. Така и новата влада на СДСМ и на ДУИ беше избрана на 1 јуни, иако изборите се одржаа на 11 декември 2016 година.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција, на прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ не спомнува ништо за 27 април, рече дека тоа е поради старата матрица на оваа партија насочена кон создавање конфликти, поделби и бруталност.