Откупот на зелката во исто време стана проблем, а доби и решение на хартија и тоа од надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), каде прв човек е Трајан Димковски, а негов дополнителен заменик-министер е Цветан Трипуновски.
Според Трипуновски, откупот на зелката е катастрофален и побара интервентна мерка за субвенционирање на килограм предадена зелка во регистрираните откупни компании.
Речиси во исто време, пристигна и соопштение од МЗШВ во кое се вели дека уште од петокот во системот е ставена интервентна мерка за покривање на загубите на производителите на зелка.
Неколку минути подоцна, Трипуновски на Фејсбук се пофали дека неговата мерка е прифатена.
„МЗШВ го повикува дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, овој период на глобална пандемија со којашто се соочува целиот свет, да не го користи за прибирање на политички поени и манипулација со земјоделците, како што тоа денеска го стори со неговата изјава за откупот на зелка, а притоа знаејќи дека МЗШВ веќе има предложено интревентна мерка“,
се вели во соопштението на Министерството.
Претходно, Трипуновски рече дека откупната цена на зелката од самиот старт била ниска, а во моментов изнесува 5 денари по килограм. Тој вели дека производителите на зелка не можат да преживеат ниту да ги подготват нивите за нова култура.
„Коронавирусот и неспособноста на СДСМ одат рака под рака и значат смрт за македонското земјоделство. Откупната цена од самиот почеток беше ниска. Имајќи ја предвид исклучително тешката ситуација во која се наоѓаат производителите на зелка, предлагам веднаш да се донесе интервентна мерка за субвенционирање на килограм предадена зелка во регистрираните откупни компании. Субвенцијата да ја покрива разликата од цената на продажба до 10 денари. Односно ако земјоделецот ја продал зелката за 5 денари, да добие дополнителни 5 денари од државата“,
рече Трипуновски.
Тој додава дека од продажба на раноградинарска култура живеат илјадници семејства во струмичко-валандовскиот регион, а откупот на зелката оваа година е катастрофален.
МЗШВ, во нивното соопштение велат дека поради глобалната пандемија од коронавирусот, на светските пазари дојде до намалена побарувачка на зелка, што во земјава се создаде проблем со пласманот и откупната цена на зелката.
„За таа цел во координација со земјоделците, МЗШВ подготви предлог за интервентна мерка за покривање на загубите на производителите на зелка. Предлог-мерката е ставена во систем минатиот петок, но со оглед на тоа дека до денеска немаше седница, истата ќе се разгледува на утрешната владина седница. Интервентната мерка ќе биде за продадена зелка во периодот од 1-ви април до 30-ти април 2020 година, а заради стабилизирање на пазарот со зелка, бидејќи во месец април поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот дојде до дестабилизација на пазарот и големо намалување на побарувачката и на откупната цена“,
соопштуваат од МЗШВ.
Трипуновски на Фејсбук напиша дека после неговата изјава и притисокот, била прифатена мерката за откуп на зелката.
„По денешната моја изјава со која побарав од владата да даде дополнителни 5 денари субвенција за предадена зелка во откупните пунктови, како мерка за помош на земјоделците во ек на пандемија СДСМ попушти и прифати. Притисокот кој Вие и јас го направивме вроди со плод. Илјадници земјоделци ќе земат субвенција за предадената зелка, која ја продаваа по ниски цени, затоа што власта не обезбеди откуп“,
напиша Трипуновски.