Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на Фејсбук го повика партиското собрание да го поддржи во намерата партијата да влезе во изборната трка со опозициските партии на Албанците. Веднаш по него се огласи генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога кој вели дека веќе е донесена одлука за самостоен настап на изборите
По неколкунеделни чести консултации и средби, внатре и надвор од субјектот што го водам, по длабоко лично размислување, дојде моментот јавно да го обелоденам мојот став, како партиски лидер, во однос на претстојните парламентарни избори, напиша на својот фејсбук-профил лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Таравари смета дека граѓаните бараат промени и го повика партиското собрание да го поддржи. Смета дека неговата партија има најголем кредибилитет да ја донесе промената.
„Имајќи ги предвид вредните и љубезни предлози на сите пријатели, членови и поддржувачи, избрав да го слушам гласот на луѓето кои зборуваат појасно од кога било. Граѓанинот бара промени! Народот бара политички систем ослободен од епидемијата на корупција која стана најголемата пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Во својство на претседател на Алијанса за Албанците, јавно го поканувам партиското собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го започнеме овој процес што го нарекувам голема и долгоочекувана промена! Никогаш оваа промена не била посигурна и поопиплива. Никој нема поголем кредибилитет од Алијансата да ја донесе оваа промена!“,
напиша Таравари.
Таравари додава дека ова е патот што го трасирал Арбен Џафери потенцирајќи дека тоа е патот што води до големото европско семејство негувајќи го сојузот со САД и НАТО со кои, како што вели, споделуваме иста визија и исти вредности.
„Непоколебливо верувајќи во моите сопартијци и во нашата заедничка визија, ја барам нивната доверба за Алијанса за Албанците да влезе во изборната трка со албанската опозиција и заедно да продолжиме да го правиме најдоброто за оваа земја! Повеќето луѓе читаат историја, но ретко добиваат шанса да ја напишат. Денес ја имаме оваа можност пред нас. Да бидеме ние тие што ќе пишуваат историја!“,
вели Таравари.
По Таравари, на Фејсбук се огласи генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога. Тој вели дека засега единствено е донесена одлука за самостоен настап на изборите.
„Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела – Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство кое едногласно изгласа на избори да излеземе сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори“,
напиша Лога.