Во извештај на Европската комисија, ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие не го кријат тоа. Две години спроведуваа активна блокада. Јасно како ден. Но сето ова завршува по изборите на 8 мај. Членството во ЕУ е втората стратегиска цел на државата по членството во НАТО, што ќе ја реализира новата проевропска влада предводена од СДСМ, вели лидерот на СДСМ во интервју за „Локално“
СДСМ ќе предложи проевропски кандидат за претседател на државата, близок до граѓаните, прифатен од граѓаните, чесен, доверлив и докажан поддржувач на демократските процеси и на политиките на меѓународната демократска јавност, вели во интервју за „Локално“ лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„На државата и граѓаните им треба претседател со јасна визија за сигурна, безбедна и извесна европска иднина, човек кој не ги дели граѓаните, туку ги обединува, кој ги споделува европските вредности и работи за демократски и економски напредок на земјата. Ќе предложиме проевропски кандидат за претседател на државата, близок до граѓаните, прифатен од граѓаните, чесен, доверлив и докажан поддржувач на демократските процеси и на политиките на меѓународната демократска јавност, што е особено важно во актуелниот геополитички контекст. Тоа ќе биде идниот претседател на државата предложен од СДСМ, со докажан личен интегритет, стручен и достоен за оваа важна висока државничка позиција. Проевропски претседател кој ќе биде ветар во грбот на новата проевропска влада предводена од СДСМ, која во динамичен процес за неколку години ќе ја внесе државата во ЕУ“,
вели Ковачевски.
На прашањето дали ќе бидат загрозени евроинтеграциите на Македонија доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, Ковачевски вели дека нема дилеми.
„Никој нема дилеми, па Мицкоски јавно на телевизија рече дека со ВМРО-ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години. Во извештај на Европската комисија, ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие тоа не го кријат. Две години спроведуваа активна блокада. Јасно како ден. Но сето ова завршува по изборите на 8 мај. Членството во ЕУ е втората стратегиска цел на државата по членството во НАТО, што ќе ја реализира новата проевропска Влада предводена од СДСМ“,
вели лидерот на СДСМ.
Тој е убеден е дека за нашите граѓани животот во ЕУ не значи карта во еден правец или иселеничка виза, туку гаранција за подобар стандард, за повисоки платени работни места и европски вредности, но тука дома во нашата држава.
„Тоа и го мислам и верувам дека е така. Европската Унија и нашето членство во неа се единствениот начин на кој ние ќе обезбедиме просперитетна иднина и услови нашите деца тука дома да си ја градат иднината“,
порачува Ковачевски во интервјуто.
Во врска со законот за рестриктивни мерки Ковачевски вели дека тој е уште една потврда за решителноста и посветеноста на владата предводена од СДСМ за борба против корупцијата која дава резултати.
„Техничката влада и премиер во моментов преземаат некакви активности од административна природа, како што ја информираат јавноста, но јасно изјавија дека законот ќе биде доставен повторно во Собранието што и очекувам да се случи“,
рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека за борбата на Владата која тој ја предводеше против корупцијата говори и Индексот на перцепција на корупција за 2023 година на „Транспаренси интернешнл“, според кој Северна Македонија има подобрување и се наоѓа на 76. место со 42 индексни поени, споредено со 2022 година кога бевме на 85. место.
„Земјата забележува напредок во борбата против корупцијата и тоа дава поттик за оваа тема и понатаму да остане еден од врвните приоритети на СДСМ и Владата која ја предводев и ќе ја предводам на европскиот пат. Воедно, мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со којшто се бара отчетност и одговорност. Во тој контекст, ваков тип на закони неспорно придонесуваат кон безбедна и сигурна иднина за граѓаните“,
вели Ковачевски за „Локално“.
Во врска со антизападното и анти-ЕУ влијание, тој нагласува дека овие месеци коишто ни претстојат, многу е важно граѓаните да се многу внимателни за тоа од каде и како се информираат.
„Тие се секогаш првиот филтер односно првата брана кон ваквите хибридни активности. Земјава во многу наврати се има соочувано со предизвици врзани со малициозните организирани групи кои наменски и континуирано создаваат дезинформации со намера да ги поткопаат демократските процеси во земјата. Анти-НАТО, анти-ЕУ и антизападните актери работат сложно, тие имаат иста цел, затоа и решението што ќе даде целосен ефект е организиран пристап и вклученоста на целото општество. Македонското општество, институциите, медиумите, граѓанските организации мора заеднички да пристапат кон борбата со дезинформации. Ова е исклучително важно прашање и затоа и посочив дека вклученоста на целото општество е клучна во обезбедување на организиран, плански, ефикасен и ефективен пристап во справувањето со дезинформациите“,
дециден е поранешниот премиер.