Настанот според Обвинителството се случил вчера додека војникот поради прогласена кризна состојба на подрачјето на затворот бил ангажиран како надворешно обезбедување на стражарната кула на оградниот ѕид на објектот
Дваесет и тригодишен професионален војник на Армијата на Република Северна Македонија е осомничен дека снабдил двајца затвореници со десет мобилни телефони додека извршувал службена должност во скопскиот затвор „Идризово“.

Против него, како што соопштија денеска од Основното јавно обвинителство Скопје, е поведена постапка , во која тој се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Настанот според Обвинителството се случил вчера додека војникот поради прогласена кризна состојба на подрачјето на затворот бил ангажиран како надворешно обезбедување на стражарната кула на оградниот ѕид на објектот.
„Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Осомничениот војник, како што се наведува во кусиот опис на настанот, откако претходно ги сокрил мобилните телефони во тактичкиот елек од униформата, го напуштил стражарното место и застанал до ѕидот од кабината, каде од другата страна го чекале затворениците. Од местото, војникот преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони на осудениците.
Според Обвинителството, осомничениот војник знаел дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и дека го чекаат.
Поради опасност од бегство и повторување на делото, јавниот обвинител кој постапува во случајот доставил предлог на осомничениот војник да му биде определена мерка притвор.