Пред неколку дена во изјава за косовски медиум, Ахмети рече дека изборот на Талат Џафери за премиер во преодната влада, го оцени за важен историски момент не само за Албанците во С Македонија туку и за Албанците во целина
Али Ахмети, лидерот на ДУИ денеска го посетил премиерот во преодната Влада Талат Џафери во неговиот владин кабинет. Оваа информација вечерва и двајцата ја соопштија преку своите Фејсбук профили.

Џафери оваа информација прв ја објавил на социјалната мрежа Фејсбук, каде споделил и неколку фотографии од средбата со Ахмети.
„Си подадовме рака во минатото дека ќе ја оствариме визијата и ќе напишеме историја. Денес, повторно здрави и со елан, си подаваме рака за иднината“,
напиша Џафери.
Ахмети, пак, неколку часа подоцна на Фејсбук напиша дека оваа влада предводена од Талат Џафери е целосна политичка влада со сите овластувања дефинирани со закон и Устав.
„Денеска бил кај Талат во Владата, вчера претседател на Собранието, денес премиер. Повторно му честитав на должноста и му посакав добро здравје и успех во работата. Разговаравме за предизвиците со кои се соочува земјата, продолжувањето на работата согласно текот на проевропските политики затоа што иднината на Република Северна Македонија и нејзините граѓани лежи во големото европско семејство и немаме друга алтернатива. Добро направено дело на Талат, заедно со Артан, Фатмир, Бујар, Крешник, Јетон, како и Назим, Беким и Агимин во владиниот кабинет“,
напиша Ахмети на својот Фејбук профил.
Со црвени вратоврски на кои пишува премиер – Албанец – 28.01.2024, Али Ахмети со сопартијците на 28 јануари славеше за изборот на Талат Џафери за премиер на преодната влада.
Видеа од славјето на Тик-ток објавува Бленди Февзиу, водител на популарното ТВ-шоу „Мислење“ (Опиниони) на ТВ Клан Албанија, кој беше еден од четворицата ВИП гости на ДУИ за кои порталот „Икс“ објави дека цел ден се превезуваат со службено возило од Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби.
Според сторијата на „Икс“, гостите прво пиеле виски и пушеле цигари во канцеларијата на Али Ахмети, заедно со домаќините, а потоа ги зазеле столчињата во ВИП-ложата во пленараната сала на македонскиот парламент.
Со 65 гласа „за“ и три „против“ Собранието ја изгласа техничката влада по речиси двочасовна пленарна дискусија. Премиер во преодната влада е Талат Џафери од ДУИ. На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри.
Со ова е комплетиран составот на техничката влада која ќе функционира до изборот на нова, по редовните парламентарни избори кои се закажани за 8 мај.
Пред неколку дена во изјава за косовски медиум, Ахмети рече дека изборот на Талат Џафери за премиер во преодната влада, го оцени за важен историски момент не само за Албанците во С Македонија туку и за Албанците во целина.
