За време на расправата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во матичната собраниска комисија повторно оценија дека предлогот на Павловска-Данева за уставен судија е партиски, додека од СДСМ ги отфрлија тврдењата и повикаа да се комплетира составот на Уставниот суд
Со седум гласа „за“, три „против“ и ниту „воздржан“ собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска го утврди предлогот на владејачкиот СДСМ универзитетската професорка Ана Павловска-Данева да биде кандидат за судија во Уставниот суд.
Пред гласањето по однос на оваа точка, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во матичната собраниска комисија повторно оценија дека предлогот на Павловска-Данева за уставен судија е партиски, додека од СДСМ ги отфрлија тврдењата и повикаа да се комплетира составот на Уставниот суд.
Пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата го оспори предлогот за Павловска-Данева да биде номинирана за кандидат за уставен судија зашто, како што рече, таа е поранешна партиска потпретседателка на партијата која ја предлага – СДСМ.
„Номинацијата што се обидувате да ја протнете на помалку од сто дена пред избори, зборува дека сериозно се подготвувате за еден голем пораз и правите очајнички обиди пред заминување. Со ова се заокружува целосната партизација на Уставниот суд и директно се напаѓа уставниот поредок на државата. Одговорност за тоа ќе мора да има“,
рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи ја Павловска-Данева „фејсбук правен експерт на батерии“ и учесник кој требало да се огради од „Шарената револуција“ бидејќи не се извинила од штетните политики на СДСМ.
Пратеничката Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ, пак, рече дека немало конструктивна критика во говорот на Петрушевска и додаде дека правните експерти што ја оцениле лошо Дамева се всушност, „на батерии“.
„Кога нема што да се каже, нешто суштинско, се оди со дисквалификации. Очекував да се надминете себеси и дека за ваков предлог ќе гласаме со консензус и да се комплетира Уставниот суд. Очекувам барем дел од вас дека ќе успеат да се надминат и да гласаат за неа“,
рече Калевска Ванчева.
Реплицирајќи ѝ на пратеничката од СДСМ, Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Уставниот суд треба да се ослободи и конечно, како што кажа, да се стави во служба на уставниот поредок.
Предлогот за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Ана Павловска-Данева, да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари по речиси година и половина расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.