За денеска во 10 часот е најавено и примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот претседател на Владата Димитар Ковачевски и новиот премиер Талат Џафери
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, му го честита изборот на Талат Џафери за премиер во преодната влада. Хасани на платформата Икс напиша дека е убеден оти Џафери и владиниот кабинет ќе ги исполнат заложбите од владината програма за организирање фер и демократски избори.

„Со среќа и успеси на првиот премиер Албанец во историјата на Северна Македонија! Убеден сум дека премиерот Талат Џафери и неговиот владин кабинет ќе ги исполнат заложбите и обврските од владината програма, од организирање слободни, фер и демократски избори до продолжување на работата за реализација на процесите кои произлегуваат од преговори за членство во ЕУ и забрзување на европската интеграција, раст и развој на економијата и борба против криминалот и корупцијата“,
напиша Хасани.
Изборот на Џафери за премиер на техничката влада му го честитаа албанскиот премиер Еди Рама, шефот на Република Албанија, Бајрам Бегај, неговиот претходник и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, како и други личности од политичкиот живот.
Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието вчера ја изгласа техничката влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија. Премиер во преодната влада е Талат Џафери од ДУИ.
На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако доби дваjцa министри – за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
- Со 65 гласа „за“ и 3 „против“, Собранието ја изгласа техничката влада
- (ФОТО) Заедничката фотографија на техничката влада без Тошковски и Велковски
Со ова е комплетиран составот на техничката влада која ќе функционира до изборот на нова, по редовните парламентарни избори кои се закажани за 8 мај.
За денеска во 10 часот најавено е и примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и новиот премиер Талат Џафери.
