Клиниката за инфективни болести во Скопје доби УВ-гард за дезинфекција од вируси и бактерии, донација од македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров, соопшти Министерството за здравство.
Овој уред е со УВ-зраци и дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу. Работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри.
„Ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција. УВ-зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини“,
објаснуваат од Министерството за здравство.
Кога се користи УВ-гардот, просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува. За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
„Сакаме да им помогнеме на нашите здравствени работници. УВ-гардот е уред кој дезинфицира вируси и бактерии. Апаратот е мобилен, со функционалност да се движи на тркалца од една просторија во друга. Работи на струја и батерии, што претставува одлична можност за дезинфицирање на места каде што нема електрична инсталација. Се надеваме дека ќе ѝ помогнеме на Клиниката, затоа што лицата од првите борбени линии ја заслужуваат нашата најголема поддршка во справувањето со ковид-19“,
вели Ивица Поцков, еден од иноваторите.
До крајот на неделата уште еден ваков УВ-уред ќе биде дониран на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје.