Кина одржува блиски врски со Русија и се воздржува од критики за инвазијата на Украина, но спомена и дека суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји мора да се почитуваат и понуди да помогне во посредувањето во конфликтот
Украина го покани кинескиот претседател Си Ѓинпинг да учествува на планираниот „мировен самит“ на светските лидери во Швајцарија, изјави висок дипломатски советник на претседателот Володимир Зеленски, како што се наближува втората годишнина од руската агресија врз Украина, пишува Ројтерс.
Кина одржува блиски врски со Русија и се воздржува од критики за инвазијата на Украина, но спомена и дека суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји мора да се почитуваат и понуди да помогне во посредувањето во конфликтот.
„Дефинитивно ја покануваме Кина да учествува на самитот, на највисоко ниво, на ниво на претседателот на Народна Република Кина. Учеството на Кина ќе ни биде многу важно. Работиме со кинеската страна. Ги покануваме нашите партнери во светот да и пренесат на кинеската страна колку е важно да се учествува на таков самит“,
рече оваа недела советникот Ихор Жовква.
Си Ѓинпинг и рускиот претседател Владимир Путин прогласија партнерство „без ограничувања“ во Пекинг само три недели пред руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Оттогаш, Кина драматично го зголеми увозот на руска енергија.
Неутралната Швајцарија се согласи да биде домаќин на мировен самит за Украина на барање на Зеленски, но датумот и местото на одржување сè уште не се одредени. Жовква рече дека тимовите сè уште работат на деталите.
Жовква, исто така, рече дека во Давос, украинските претставници разговарале за самитот со претставници на 82 земји и дека го претставиле својот мировен план од 10 точки, што претседателот Зеленски го објави во декември.
Овој план предвидува обновување на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на сите руски војници, заштита на снабдувањето со храна и енергија, нуклеарна безбедност и ослободување на сите воени заробеници.
Русија не беше поканета на планираниот самит.