Во анкетата спроведена на 1 250 возрасни испитаници ширум САД, Трамп добил поддршка од 40 отсто од гласачите, а Бајден 34 отсто. Останатите сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат или дали воопшто ќе излезат на избори. Маргината на грешка е три процентни поени. Во претходната анкета од почетокот на месецот, Трамп и Бајден беа изедначени
Доналд Трамп има предност пред демократскиот претседател Џо Бајден за шест процентни поени, покажува најновата анкета на Ипсос, која исто така покажува дека мнозинството Американци не сакаат нова изборна трка меѓу поранешниот и сегашниот претседател, која по победата на Трамп на прелиминарните избори во Њу Хемпшир се чини веројатна.
Во анкетата спроведена на 1 250 возрасни испитаници ширум САД, Трамп добил поддршка од 40 отсто од гласачите, а Бајден 34 отсто. Останатите сè уште не одлучиле за кого ќе гласаат или дали воопшто ќе излезат на избори. Маргината на грешка е три процентни поени. Во претходната анкета од почетокот на месецот, Трамп и Бајден беа изедначени.
Последното истражување на Ипсос исто така покажа дека околу 67 отсто од испитаниците не би сакале повторно да ги видат истите двајца кандидати во претседателската трка, дека се „заситени“ и од Трамп и од Бајден и дека би сакале да видат некои нови лица.
Сепак, само 18 отсто од нив изјавиле дека воопшто нема да гласаат доколку нивниот избор се сведе на Бајден и Трамп.
Водството на Трамп од шест процентни поени се одржало дури и откако на испитаниците им биле понудени други кандидати. Трамп собрал поддршка од 36 отсто од гласачите, Бајден 30 отсто, а Роберт Кенеди Јуниор осум проценти. Во истражувањето, 70 отсто од испитаниците, од кои половината се демократи, се согласиле со изјавата дека Бајден не треба да се кандидира за втор мандат. 56 отсто од нив, од кои една третина се републиканци, ова го кажале за Трамп.
Три четвртини од испитаниците веруваат дека Бајден е премногу стар за да ја извршува функцијата претседател. Половина од испитаниците го мислат истото за Трамп.
„Мнозинството Американци не сакаат реванш меѓу Бајден и Трамп. Првата партија што ќе го повлече својот 80-годишен кандидат ќе победи на изборите“,
смета Ники Хејли, противкандидатката на Трамп на прелиминарните избори на Републиканската партија.
Но, анкетата покажува огромна предност на Трамп пред Хејли, 64 наспроти 19 проценти. Двајцата ќе се соочат еден со друг во трката за републиканска номинација на 24 февруари во Јужна Каролина. Хејли беше гувернер на таа држава од 2011 до 2017 година.