Од Управата за јавни приходи тврдат дека случаите за кои денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, говореше не се дел од аферата која беше презентирана од Управата во понеделникот и велат дека тие немаат извршено поврат на средства како што беше наведено од опозициската партија

Управата за јавни приходи ги демантира наводите на ВМРО-ДПМНЕ дека на незаконски начин биле исплатени 22 милиони евра за поврат на ДДВ и велат дека за посочените случаи и даночни обврзници кои опозициската партија ги презентираше денеска, УЈП нема извршено поврат, туку напротив, по сите извршени контроли од нивна страна биле преземени сите постапки. Дополнително, велат, обврзниците доставиле даночни пријави со даночно побарување – аконтации оставени за идни периоди, а не за барања за поврат како што беше кажано од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Износот од 22 милиони евра кој го споменуваат од ВМРО-ДПМНЕ е износ кој е објавен во листа на должници кој всушност претставува даночен долг, а не поврат и е врз основа на извршена контрола за барање на поврат на ДДВ. Информираме и дека побарани се податоци за патните исправи кои се наведени во историјатот на промени во Централен регистар на РСМ и исто така известена е Управата за финансиска полиција за нивно запознавање и понатамошно постапување“,
велат од УЈП.
Претходно денеска, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на прес-конференција обвини дека најмалку 22 милиони евра од Управата за јавни приходи се исплатени на криминален начин кон приватни фирми по основ на поврат на ДДВ.
Тој во раката држеше документи кои, како што рече, покажуваат дека се работи за добро разработена шема за извлекување пари од државата. Според него, тие документи докажуваат и дека Сања Лукаревска, директорката на УЈП, не ја говорела вистината кога рекла дека бил спречен обид за измама преку поврат на ДДВ.
„Без да должам, го отворам првиот случај. Ова се документи за случајот ‘Актико текст’, струмичка фирма регистрирана со 5 000 евра во април 2022 година, за трговија со текстил на големо. Основач е Зуле Кармзова, која по само три месеци има побарување до УЈП за поврат на ДДВ од 10,5 милиони евра, за увоз на стока од 50 милиони евра. Фирмата со толку стока потоа пријавила само три илјади евра за данок, иако вредноста УЈП ја проценила на 8,5 милиони евра“,
рече Стоилковски.
Тој кажа дека Кармзова подоцна, на 29 декември 2022 година, ја продала компанијата на извесен Егзон Бериша од Косово. Тогаш компанијата ја сменила адресата од Струмица во скопско Визбегово, а го променила и името од „Актико текст“ во „Окитна трејд“. Таа фирма, според него, по првите три месеци од 2023 година искористила поврат на ДДВ од половина милион евра за набавена стока од 14 милиони евра, а наместо да плати 2,7 милиони евра данок, пријавила само 15 илјади евра.
„За појасно, вкупно оваа фирма, од април 2022 до март 2023, искористила 11 милиони евра поврат на ДДВ, треба да плати 11 милиони евра данок за стока за која вкупно пријавила до УЈП само 18 000 евра. А во декември сменила сопственик, од Струмица на Косово, и адреса од Струмица во Визбегово“,
рече Стоилковски.
Како што додаде, дури во јули 2023 година, УЈП се обидела да направи увид во книгите, но бидејќи Зуле Кармзова од Струмица веќе ја продала фирмата, за неа приказната била завршена. УЈП, според него, не можела да го најде новиот сопственик Егзон Бериша од Косово ниту, пак, неговата документација.