Реакцијата на партијата следува точно еден ден по упадот на неколку непознати лица во просториите на М-НАВ и нападот на дел од вработените. Со нападот се поврзува и актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, Беким Незири, кој денеска е повикан на распит во полициска станица
Еден ден по насилниот упад на непознати лица во објектот на Македонската навигација, со кој се поврзува и актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, Беким Незири, денеска од Демократската унија за интеграција излегоа со прва официјална реакција за инцидентот.

Настаните во М-НАВ од партијата ги оценија за вознемирувачки и ја осудија секоја форма на насилство, но обвинија дека инцидентот неправедно се обидува да ѝ се припише на ДУИ.
„Инцидентот, кој се обидува неправедно да ѝ се припише на ДУИ, е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичко прашање, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика. Ја осудуваме тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“,
посочија од ДУИ во партиската реакција за инцидентот во М-НАВ.
Дополнително, од партијата побараа истражните органи целосно да го расчистат случајот.
Дека вчерашниот инцидент во Македонската навигација е личен конфликт помеѓу двајца вработени денеска на прес-конференција кажа и претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди.
- Кошкање има во секоја фирма, се работи за личен конфликт – вели директорот Хамиди за упадот во М-НАВ
Во вчерашниот напад на дел од вработените во М-НАВ, според полицијата, учествувал еден вработен во институцијата со иницијали Б.Н. и неколку други непознати лица. Дел од медиумите уште синоќа објавија дека се работи за Беким Незири – актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и ексминистер за економија.
Денеска од МВР информираа дека тој е на распит во полициска станица по налог на скопското обвинителство. Иако во информацијата лицето е наведено само со иницијали (Б.Н.), сепак, повеќе од извесно е дека станува збор за Беким Незири.