Според УХМР, до сабота претпладне времето ќе биде стабилно, со магла по котлините, а кон крајот на денот под влијание на циклонска активност ќе има врнежи од дожд, кои на повисоките планини ќе бидат од снег
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со магла по котлините, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Попладне се очекува зголемување на облачноста, а ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе се движи во интервал од минус два до три Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од осум до 15 степени.
Во Скопје се очекува слично време, со магла, која се очекува да се намали во попладневните часови.
Утринската температура во главниот град ќе се спушти до нулата, а дневната ќе достигне до девет Целзиусови степени.
Според УХМР, до сабота претпладне времето ќе биде стабилно, со магла по котлините, а кон крајот на денот под влијание на циклонска активност ќе има врнежи од дожд, кои на повисоките планини ќе бидат од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во текот на ноќта кон недела. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоистичен, а од понеделник од северен правец, што ќе предизвика значително заладување и врнежите ќе преминат во снег и на повисоките места.
