Скопската градоначалничка не одговори конкретно дали се гледа себеси како лидер на оваа политичка партија, а одби да каже и дали дел од членството би биле имиња кои претходно биле дел од политичката сцена
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вечерва во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 ги потврди наводите кои изминатите месеци кружеа во јавноста, а кои таа досега ниту ги потврди ниту ги демантира – дека се подготвува да формира политичка партија.

На прашањето дали размислува во насока на формирање политичка партија, Арсовска кусо одговори – „да“, а на дополнително прашање кога може да се очекува нејзино формирање, таа дополни:
„Во процес сме на формирање на политичка партија.“
На прашањето дали тоа значи дека може да се очекува нејзино учество на претстојните парламентарни избори во мај годинава, Арсовска одговори:
„Toa значи дека сме во постапка да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку. Се додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некој од политичарите од оваа корумпирана политичка елита, нема да има напредок. Ако можам јас сама како индивидуалец да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе кои ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, ќе можам да покажам многу повеќе.“
Арсовска не одговори конкретно дали се гледа себеси како лидер на оваа политичка партија, а одби да каже и дали дел од членството би биле имиња кои претходно биле дел од политичката сцена.
„Вие многу ексклузиви сакате вечерва. Јас можам да ви кажам дека тоа што имав да го кажам, го кажав“,
одговори Арсовска.
Дека скопската градоначалничка се подготвува да формира политичка партија првпат беше објавено во септември минатата година. Неделникот „Фокус“ тогаш објави дека Арсовска почнува да собира потписи за формирање партија која, според неофицијалните информации на медиумот, ќе го носи името „Правда“, а седиштето ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.
Оваа адреса, како што посочија тогаш од „Фокус“, според податоци од Централен регистар, е на местото каде што се наоѓаат фирми на соработникот на Арсовска, Драган Митковски. Дел од медиумите објавија дека Митковски бил близок до поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Експремиерот и бегалец во Унгарија, Никола Груевски, пак, експресно негираше каква било поврзаност со Арсовска и Митковски, велејќи дека нема комуникација со ниту еден од нив.
- Арсовска ќе формира партија на адреса на човек близок до Груевски, експремиерот демантира поврзаност
Подоцна истиот месец, Арсовска гостуваше во емисијата „Тешки муабети“ на Инфомакс каде што беше прашана дали ќе формира партија со поранешниот премиер Груевски.
„Може ќе правиме, може нема да правиме“,
одговори кратко Арсовска.