Вработените во општинската администрација јавно го повикаа Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос
Според градоначалникот Стевчо Јакимовски, со блокирањето на буџетот директно се загрозува локалната власт
По протестот на вработените и изјавата на градоначалникот Јакимовски, со соопштение реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош со кое бараат итно свикување седница на Советот за донесување одлука за времено финансирање на Општината, сѐ до донесувањето на буџетот за 2024 година
Недонесувањето на општинскиот буџет за 2024 година е причината што вработените во општинската администрација во Карпош денеска излегоа на протест.
Од пред општинските бараки, каде што беше протестот, тие изразија незадоволство и страв од последиците кои ќе ги има општината поради недонесувањето на буџетот.
„Причина за тоа е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица“,
рекоа на прес-конференција вработените во општинската администрација.
Тие јавно го повикаа Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос.
Како што рекоа вработените кои беа на протестот, оваа непромислена одлука, која е спротивна на уставниот поредок на Републиката, спротивна на законските одредби и спротивна на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, го доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа.
„Блокирањето на општинскиот Буџет од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, повлекува низа на сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината“,
додадоа вработените на прес-конференцијата.
Објаснувајќи што се подразбира редовното функционирање на Општината, вработените рекоа дека сега е доведено во прашање функционирањето на Општината, исплатата на платите на вработените во општината, градинките и училиштата, доведени се во прашање Договорите на привремено вработените.
„Сето ова значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основа ниту, пак, средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа. Со тоа, општинската администрација не може повеќе да биде сервис на приближно 70 илјади жители на Општина Карпош“,
рекоа вработените.
Во врска со блокирањето на буџетот, денеска со изјава излезе и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски кој рече дека доведено е во сериозна опасност работењето на општината и давањето на услугите на граѓаните во Карпош. Со блокирањето на Буџетот, како што рече Јакимовски, директно се загрозува локалната власт.
„Ова е класично загрозување на една власт, а тоа е локалната власт, во конкретниот случај Општина Карпош. Постојат закони кои политиката ја ставиле во одредена рамка и кога на политиката главата ќе и биде премногу усијана и кога ќе прават премногу глупости тогаш настапува законот. За жал никој не го почитува законот и обврската на Советот на општина Карпош, на претседателот на Советот, на 31.12. да донесе или Буџет или да донесе Одлука за времено финансирање. Во конкретниот случај ниту е донесен Буџет, ниту е донесена Одлука за времено финансирање“,
рече Јакимовски.
Јакимовски, исто така, рече дека во сериозна неизвесност се доведени и исплатата на платите, па дури и работните места на вработените во градинките, училиштата, во општинската администрација и на привремено вработените.
„Мислам дека ги претераа сите можни граници на едно нормално, па дури да кажам и ненормално функционирање на политиката. Партиите кои се најодговорни за оваа работа сносат одговорност. Јас не можам да се изначудам на колегите од Левица кои за претседател имаат универзитетски професор по право да прибегнуваат кон вакви политички одлуки кои го суспендираат правото. Во тој дел, мислам дека најголема е нивната одговорност“,
нагласи Јакимовски.
По протестот на вработените и изјавата на градоначалникот Јакимовски, со соопштение реагираа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош со кое бараат итно свикување на Седница на Советот за донесување одлука за времено финансирање на општината, сѐ до донесувањето на буџетот за 2024 година.
„За пусти пари слугата на СДС, Стевчо Јакимовски, е подготвен на се. Политичкото насилство на деспотот градоначалник и слуга на СДС, Стевче Јакимовски, манифестирано на 37-та и 38-та седница на Советот на Општина Карпош во Новата година трансферираше во насилство, притисок и создавање немир кај вработените во општинската администрација, училиштата и детските градинки“,
се вели во реакцијата.
Според нив, манипулациите и заканите дека вработените ќе останат без плати се последниот обид на Јакимовски да изврши притисок врз советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош да го изгласаат буџетот за 2024, а со тоа да ги спаси и остави во живот дуповите и урбаната мафија која го разорува Карпош.
„Но, и оваа лага многу скоро ќе биде поразена. Има и постојат законски можности обврските кон вработените да бидат целосно, редовно и навремено исплатени“,
додаваат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.